Министерството за финансии информира дека се обезбeдени потребните средства за реализација на проектот за изградба на интерконективен гасовод меѓу РС Македонија и Грција.
Министерот за финансии, Фатмир Бесими и потпретседателката на Европската инвестициска банка, Лилјана Павлова го потпишаа Договорот за гаранција на РС Македонија. Воедно се потпиша и финансискиот договор меѓу Национални енергетски ресурси (НЕР) и ЕИБ. Вкупната инвестициска вредност на проектот изнесува 57,8 милиони евра, при што со потпишување на конкретниот договор за заем се обезбедуваат 28,9 милиони евра.

Преку инструментот ВБИФ се обезбедуваат дополнителни 12,4 милиони евра како инвестициски грант, којшто ќе го управува Европската инвестициска банка, за што, исто така, беше потпишан договор меѓу НЕР и ЕИБ. Преостанатите 16,5 милиони евра ќе се обезбедат од ЕБОР за што Владата во наредниот период ќе поднесе посебен Предлог-закон за гаранција, најави министерот Бесими.

„Проектот за изградба на гасоводот е еден од најприоритетните проекти за двете држави, за регионот, како и за Енергетската заедница и истиот е поддржан од сите релевантни европски институции. Реализацијата на овој проект ќе обезбеди стабилност во снабдувањето со енергија, пред сè во индустријата, што ќе доведе до економски развој на сите региони во Република Северна Македонија“, нагласи министерот Бесими на потпишувањето на Договорот.

Проектот „Интерконектор за пренос на природен гас Грција – Северна Македонија, дел на Северна Македонија“, како што вели министерот Бесими, е од стратешко значење за нашата земја. Неговата имплементација ќе придонесе кон обезбедување забрзан и одржлив економски раст, повисок животен стандард и подобар квалитет на живот на граѓаните.

Притоа, министерот Бесими се заблагодари на континуираната поддршка што ЕИБ ѝ ја дава на нашата земја.

Потпретседателката на Европската инвестициска банка рече дека „како Банка на ЕУ и дел од Тим Европа, ЕИБ со задоволство го поддржува овој приоритетен проект на ЕУ, дел од Економскиот и инвестициски план, што е стожер на националната Стратегија за енергетика на РС Македонија“.

„Исто така, проектот е поврзан и со претходната заложба на Банката кон зајакнување на енергетската сигурност на Западен Балкан преку намалување на зависноста од само еден извор на снабдување со гас. Истиот ќе овозможи пристап до разни извори, ќе обезбеди снабдување во случај на недостиг и ќе ја зголеми пазарната конкуренција преку поврзување со сѐ подиверзифицираниот пазар на природен гас во Грција. Како приоритетен проект за Европската Унија и за Иницијативата за гасно поврзување на Централна и Југоисточна Европа (CESEC), истиот ќе му помогне на регионот постепено да го елиминира јагленот, и притоа да ја зголеми поврзаноста и да создаде услови за заеднички регионален пазар, како и за привлекување нови инвестиции“, истакна потпретседателката Павлова.

Проектот ќе го имплементира Акционерското друштво за вршење енергетски дејности „Национални енергетски ресурси“ – Скопје, во државна сопственост. Неговата реализација е предвидена и со Буџетот за 2022 година во кој капиталните инвестиции се на историски највисоко ниво. Реализацијата на инфраструктурните капитални проекти ќе овозможи забрзан раст на економијата и постигнување економски раст од 4,6 проценти.