Шведскиот синџир за мебел ИКЕА планира поголемиот дел од своето производство да го насочи кон Турција со цел да ги минимизира проблемите во глобалните синџири на снабдување и да ги намали трошоците за превоз, изјави финансискиот директор на турската филијала, Керим Нисел, објавува Ројтерс.
ИКЕА планира да произведува фотелји, полици за книги, ормари и кујнски елементи во Турција, а потоа да ги извезува. Тие во моментов се испраќаат од илјадници километри подалеку од фабриките во Источна Азија до пазарите на Блискиот Исток и Европа.
Засега не се прецизира колкав капацитет може да се помести.
„Сите сфативме во пандемијата дека диверзификацијата е многу важна“, рече Нисел, додавајќи дека „можеби не е добра стратегија да се произведуваат предмети во една земја, а потоа да се транспортираат низ целиот свет“.
Цената на контејнерите од Источна Азија скокна од пред пандемијата од 2.000 долари на сегашните 12.000 долари, нагласува шефот на турската филијала на ИКЕА.
ИКЕА е уште една компанија која го следи потегот на другите големи европски брендови како Бенетон, Хуго Бос и други кои одлучиија да го приближат производството до пазарите. Во процесот познат како nearshoring многу компании одлучуваат да го намалат производството во Источна Азија и да го доближат до пазарите за кои е наменето за продажба.

Модните компании ја напуштаат евтината Азија и го враќаат производствотo поблиску до дома