Македонското индустриско производство во декември бележи пад од 1,2%, во споредба со декември 2021 година покажуваат најновите податоци од Државниот завод за статистика. Ова е четврт месец по ред како индустриското производство во Македонија се намалува, што само ги одразува тешката ситуација во која се наоѓа индустријата и целото стопанство.
Во текот на целата 2022 година индустриското производство бележи пад од 0,3%, додека падот од преработувачката индустрија изнесувал 1,1%.
Поскапувањето на струјата и гасот, но и на останатите суровини драстично го поскапија производството во изминатиот период, па многу компании одлучија свесно да го намалат или стопираат производството за да не работат загуби.
Статистичките податоци покажуваат дека падот на производството во преработувачката индустрија, каде се создава над 81% од целото индустриско производство, е поголем и изнесува 2,3% во споредба со декември 2021 минатата година.
Во секторот рударство и камен има пад на индустриското производство во декември од 2,3%, додека во секторот снабдување со електрична енергија, гас и пареа има зголемување од 11,6%.
Производството на прехранбени производи (кое има најголемо учество во создавањето на индустриското производство од речиси 11%) во декември лани бележи раст од 1,6%, а во текот на изминатата 2022 година е помало за 8% во споредба со претходната 2021 година.
Најголемо намалување на производството во декември 2022 година имало кај тутунските производи од дури 62,8%, производството на метали од 51,8%, производството на кожа и кожни производи од 25,6%, производството на електрична опрема од 20,5%, производството на хемиски производи од 17,8%.
Најголем раст, пак, на производството во декември се бележи кај преработките од дрво за 105,2%, кај производството на фармацевтските производи од 39,9%, кај производството на машини и уреди 9,6%.
Во текот на целата измината 2022 година пак најголем пад на индустриското производство има кај ориузводството на тутунски производи од 41,2%, производството на метали од 25,4% и производството на фабрикувани метални производи кое е намалено за 18%.
Најголемо зголемување на индустриското производство има кај преработките од дрво од 46,3%, производството на фармацевтски производи од 19% и кај производството на машини од 12,2%.
Индустриското производство бележи намалување четврти месец по ред во изминатата 2022 година. Во септември падот беше 0,5%, во октомври падот беше 5,3%, во ноември 3,7% и во декември 1,2%, или кумулативен пад од 10,7% за четири месеца.