Индустриското производство во октомври годинава бележи пад од 5,26% во однос на истиот месец лани, покажуваат најновите податоци на Државниот завод за статистика. Ова е втор месец по ред како се намалува производството во македонската индустрија, но намалувањето во октомври е најголемо годинава.
За периодот јануари – октомвrи, пак, индустриското производство во Македонија бележи минимален раст од 0,3%, покажуваат најновите податоци на Државниот завод за статистика.
Гледано по сектори, индустриското производство во октомври годинава во однос на октомври лани бележи опаѓање од 9,16% во секторот Снабдување со електрична енергија, гас, пареа и климатизација, во Преработувачка индустрија има пад од 3,99%, додека во секторот Рударство и вадење на камен има намалување на производството во октомрви од 13,16% во однос на истиот месец минатата година.
Ако се анализира секторот Преработувачка индустрија, каде се создава околу 81,5% од вкупното индустриско производство на земјата, пад на производството има во 16 од вупно 23 гранки.
Најголемо намалување на производството во август производството на тутунски производи од дури 89,6%.
Големиот пад на производството во индустриите за производство и преработка на метали продолжува веќе шести месец по ред.Во октомври годинава производството на метали бележи пад од 29,2% во однос на истиот месец лани, додека во индустријата за фабрикувани метални производи има намалување на производството за дури 45% во споредба со лани.
Индустријата за производство на метали, која важи за енергетско интензивна дејност и учествува со 5,2% во вкупното индустриско производство, е силно погодена од големиот раст на трошоците за електрична енергија, па многу компании од оваа дејност одлучија да го намалат или стопираат производството за да не создаваат загуби.
Металопреработувачките компании како Еуроникел, Либерти, Макстил, Дојран Стил се најголемите потрошувачи на енергенси, кои се соочуваат со проблеми да го одржат производството заради преголемото покачување на струјата и гасот. Еуроникел Индустри официјално објави дека го прекина производството и од средината на септември вработените се на принуден одмор.
Голем пад на производството во октомври има и во индустријата за хемиски производи од 23%, каде работи и најголемиот извозник Џонсон Мети.
Производството на храна во октомври е намалено за 12,17% во споредба со истиот месец лани, а намалување од 2,94% има и на производството на лекови и фармацевтски производи.
Производството на машини и уреди бележи голем раст на производството од 47,8% во однос на истиот месец лани, а раст од 16,3% има и производството на моторни возила. Производството на текстил во октомрви бележи раст од 23,6%, додека производството на облека е поголемо за 9,16%.