Индустриското производство во секторот Производство на метали во септември бележи пад од 68,3% во споредба со истиот месец минатата година, покажуваат податоците на Државниот завод за статистика.
Производството на метали, во кое се создава 5,16% од вкупното индустриско производство во земјава, бележи пад веќе петти месец по ред, но падот во производството во септември е најголем досега.
Главната причина за намаленото производство на метали е скапата енергија, која го направи производството целосно неисплатливо. Трошоците за енергенси кај големите металопреработувачки капацитети се неколкукратно поголеми во споредба со истиот период лани, па многу од нив одлучија да го намалат или прекинат производството. Компаниите кои произведуваат и преработуваат метали се најголеми потрошувачи на електрична енергија, кои заради неколкуратното зголемување на трошоците за енергија побараа поддршка од државата во обезбедување на поевтина струја. Но, барем засега, државата не покажа подготвеност да им помогне на големите извозни капацитети. Меѓу компаниите кои објавија дека се соочуваат со сериозни проблеми заради високите цени на струјата и дека го намалуваат или стопираат производството се Еуроникел Индустри, Макстил, Либерти,Дојран Стил, Таб-Мак, ФЗЦ 11 Октомври…
Станува збор за компании кои се големи извозници и кои вработуваат илјадници лица. Статистичките податоци покажуваат дека во септември бројот на работниците во секторот Производство на метали е намален за 2%.
Податоците од Државниот завод за статистика покажуваат дека голем пад на производството од 33,3% во септември има и во секторот Рударство и вадење камен, кој учествува со 10% во вкупното индустриско производство во земјава. Главна причина за намаленото производств е прекинот со работа во септември на неколку рудници, меѓу кои и Бучим и Боров дол, заради скапата енергија.
Голем пад на производството од 30% во септември има и во секторот Производство на фабрикувани метални производи, кој учествува со 3,2% во вкупното индустриско производство на државата. Статистичките податоци покажуваат дека во септември бројот на работниците во овој сектор е намален за 4,5%.