Производството во македонската индустрија во јули бележи раст од 3,8% во споредба со истиот месец минатата година, покажуваат најновите податоци од Државниот завод за статистика.
Ова е прв раст во индустриското производство откако во изминатите четири месеци имаше пад. Во јуни индустриското производство се намали за 6,5% во споредба со истиот месец лани, во мај индустриското производство забележа пад од 13,2%, во април падот беше 1,2%, а во мај производството во македонската индустрија се намали за 10,4%.

Во последните 12 месеци, пак, дури седум месеци имало пад на индустриското производство, што е показател на проблемите со кои се соочува македонската индустрија, почнувајќи од високата инфлација, поскапувањето на суровините, транспортот, проблемките во синџирите на снабдување и зголемувањето на платите.

Вкупно за периодот јануари-јули годинава инсутриското производство е помало за 3.9% во споредба со производството истиот период лани.

Податоците од Државниот завод за статистика покажуваат дека производството во секторот Рударство и вадење камен индустриското производство во јули има раст од 14,9%, во секторот Снабдување со енергија, гас има пад од 1,1%, додека производството во Преработувачката индустрија, каде се создава околу 80% од целото индустриско производство, има раст од 3,8% во јули годинава во споредба со истиот месец лани.

Голем раст од 69,3% во јули има кај Производството на тутунски  производи, производството на прехранбени производи е зголемено за 41,3%, производството на електрилна опренма бележи раст од 40,4%, производството на фармацевтски производи е поголемо за 27,3%, на хемиските производи за 24,9%, производството на пијалоци е зголемено за 11%…

Од друга страна, голем пад во јули има кај производството на фабрикувани метални производи од 45%, кај производството на машини и уреди од 38%, производството на метали во јули е намалено за 10,3%, исто како и производството на облека.