Инфлацијата во ЕУ и во еврозоната благо забрза во јули како резултат на посилниот раст на цените на услугите, се вели во извештајот објавен во вторникот на Европскиот завод за статистика.
На ниво на еврозоната, годишната стапка на инфлација, мерена преку усогласениот индекс на потрошувачките цени (HICP), во јули изнесува 2,6%, што е за 0,1 процентен поен повисока од претходниот месец.
Во ЕУ цените се повисоки за 2,8% во јули во однос на истиот месец лани, се наведува во извештајот на Евростат.
На месечна основа, цените во еврозоната стагнираа во јули, додека во ЕУ пораснаа за 0,1%, пресмета Европскиот завод за статистика.
Услугите најмногу пораснале во јули во еврозоната, за 4% во споредба со истиот месец лани. Цената на свежата храна порасна за 1%, нешто поблаго од претходниот месец.
Од друга страна, енергенсите скокнале за 1,2% во однос на ланскиот јули, пресметале статистичарите.
Во јули 2023 година, годишната стапка на инфлација во еврозоната беше 5,3 %, а во ЕУ 6,1%.
И покрај благиот раст во јули годинава, инфлацијата значително забави на европскиот континент во однос на пред една година. За споредба, во јули 2023 година таа беше 5,3% на годишно ниво во еврозоната, а 6,1% во ЕУ.
Романија е на врвот
Највисока годишна стапка на инфлација во јули забележа Романија, која не е членка на еврозоната, од 5,8 %, објави Евростат.
Следува Белгија со пораст на потрошувачките цени од 5,4% и Унгарија со стапка на инфлација од 4,1%. Следува Полска, која исто така не е членка на еврозоната, со поскапување од 4%, а Холандија и Естонија со пораст на потрошувачките цени од по 3,5%.
Хрватска забележа стапка на инфлација од 3,3%во однос на истиот месец лани.
Финска забележа најниска стапка на инфлација, од 0,5%. По неа следуваат Летонија со 0,8% и Данска која не е членка на еврозоната со 1%.