Растот на потрошувачките цени во САД изнесува 7,5% на годишно ниво во јануари 2022 година, соопшти Министерството за труд.

Стапката на инфлација на годишно ниво значително надмина 7,2 %, колку што предвидуваа економистите, и е највисока од февруари 1982 година.

Базичната инфлација, која ги исклучува нестабилните цени на енергијата и храната, се зголеми за 6,0 отсто во јануари од очекуваните 5,9 отсто, а исто така е на највисоко ниво од август 1982 година.

Растот на општата и базичната инфлација на месечна основа во јануари изнесува 0,6 %, што е над прогнозата од 0,4 % за двата показатели.

Приносите на американските државни обврзници во исто време нагло скокнаа, а на референтните десетгодишни државни хартии од вредност достигнаа 2,0 %, што е највисоко ниво од август 2019 година.

Очекувањата на берзата дека Федералните резерви (ФЕД) ќе ја подигнат основната каматна стапка за 0,5 процентни поени во март пораснаа на 44,3% наспроти 25 %, колку што беше непосредно пред објавувањето на податоците за инфлацијата.

Податоците за инфлацијата значат дека економијата на САД е на крстопат, бидејќи се предвидува дека брзата стапка на раст во 2021 година ќе забави оваа година, бидејќи ефектите од фискалните и монетарните стимулации исчезнуваат.

Повисокото зголемување на каматната стапка на ФЕД, насочено кон ограничување на инфлацијата, може да го направи проблематичен економскиот раст, кој, и покрај се, се очекува да остане над повеќегодишниот просек.

Процентуално, во јануари најмногу поскапеле мазутот во САД и тоа за 9,5 % месечно и дури 46,5 % на годишно ниво. Севкупно, цените на енергијата се зголемени за 0,9% во однос на претходниот месец, а за 27% на годишно ниво.

Цените на возилата, кои се меѓу факторите кои најмногу придонесуваат за порастот на инфлацијата од пролетта 2021 година, останаа непроменети во јануари за новите автомобили, додека за половните и камионите пораснаа за 1,5 %. Во однос на јануари минатата година, новите возила поскапеле за 12,2%, а користените за 40,5%.

Цените на храната во САД минатиот месец скокнаа за 0,9 отсто во однос на истиот месец и пораснаа за 7,0 % на годишно ниво.

Негативното влијание на експлозијата на инфлацијата врз приходите на домаќинствата беше ублажено со значителното зголемување на платите на работниците, при што платите се зголемија за 0,7 отсто на месечна основа во јануари, објавува CNBC.