Индексот на трошоците на животот во јули 2021 година, во однос на јули 2020 година, бележи зголемување од 3,4 %, а индексот на цените на мало бележи зголемување од 5,4 %, покажуваат најновите податоци од Државниот завод за статистика.
На месечна споредба, потрошувачките цени во земјава се зголемија за 0,5% во јули, со иста стапка како и во јуни, се вели во соопштението на Макстат.
Во првите седум месеци потрошувачките цени се зголемени за 2,5%
Гледано по групи производи во јули најголем годишен раст на цените има кај транспортот од 13,6% во споредба со јули минатата 2020 година. Цените во рестораните и хотелите се зголемени за 5,6%, трошоците за домување, вода, електрична енергија и гас се поголемми за 4,4%, алкохолните пијалоци и тутунот за 4,3%, услугите за здравствена заштита за 3,5%, храната за 2,2%, облакета и обувки за 0,5%.
На месечно ниво, транспортот повторно бележи најголеми поскапување од 8,9% во споредба со јуни годинава.
Проценките на Народната банка се дека годинава ќе заврши со инфлација од 2,2 %.
“Во однос на инфлациските движења, годишните промени кај потрошувачките цени во периодот јануари ‒ јули, во просек од 2,5%, се малку над очекувањата според априлскиот циклус проекции. Во однос на очекуваните движења на увозните цени, последните ревизии се во нагорна насока. Неизвесноста во движењето на светските цени на примарните производи во следниот период и натаму е нагласена, согласно со неизвесните економски ефекти поврзани со пандемијата и изгледите за справување со неа”, велат во најновото соопштение на Народната банка.