Државниот завод за статистика објави дека инфлацијата во земјава во јуни се намали на 9,3%, што е за прв пат после подолго време едноцифрена инфлација.

Од октомври минатата година инфлацијата забавува, но се уште е многу повисока од инфлацијата во повеќето земји од регионот.


Кога станува збор за храната, инфлацијата и понатаму е двоцифрена и изнесува 12,1% во јуни годинава. Цените се поголеми кај сите сегменти на храна, освен кај маслата и мастите каде има намалување на цените во споредба со јуни минатата 2022 година.

Најголемо зголемување од 15,5% во јуни има во категоријата мебел и покуќнина, цените на рестораните и хотелите биле повисоки за 15,5%, додека трошоците за домување, вода, електрична енергија и гас биле повисоки за 13%.

Единствено во транспортот, има намалување на цените во јуни годинава за 1,2%.

Од Министерството за финансии сметаат дека ваквите податоци укажуваат дека борбата со инфлацијата и мерките што ги презема Владата го даваат очекуваното.

“Инфлацијата од октомври 2022 година се движи во континуитет во надолна линија. До крајот на годината очекуваме овој тренд да продолжи и да се одржи едоцифрено ниво на инфлацијата, а во наредната година веќе да биде околу 2 %”, велат од Министерството за финансии.

За споредба, инфлацијата во Грција во јуни годинава за намали на 1,8%.