Кина ќе ги престигне Соединетите Американски Држави (САД) во 2028 година и ќе стане најголемата економија во светот, пет години порано отколку што беше претходно предвидено, објави британскиот Центар за економски и деловни истражувања (CEBR).
„Веќе некое време, главната тема на светската економија е борбата за економска надмоќ помеѓу САД и Кина“, се вели во Извештајот на овој британски центар објавен денеска.

„Пандемијата на Ковид-19 економскиот пад како последица од тоа играа во полза на Кина кога стануива збор за ова ривалство“, се вели во Извештајот, кој го објавува Ројтерс.
CEBR тврди дека „успешното управување со пандемијата“ во Кина, коja рано воведе строго и целосно затворање и ударите врз долгорочните изгледи за економски раст на Западот, доведоа до подобрување на економската позиција на Кина.

Азиската земја треба да постигне просечен годишен економски раст од 5,7% во периодот од 2021 до 2025 година и 4,5%
за периодот од 2026 до 2030 година.

Иако се очекува САД да имаат силно економско закрепнување во 2021 година, растот ќе забави на 1,9 % од 2022 до 2024 година, а потоа на 1,6 %.
Јапонија ќе остане трета по големина економија во светот, тврди CERB, до раните 2030-ти кога ќе биде престигната од Индија, што ќе ја турне Германија од четвртото на петтото место.

Велика Британија, денес петта по големина економија во светот, ќе стане шеста во 2024 година. Но, и покрај шоковите што се очекуваа во 2021 година, како резултат на напуштањето на единствениот пазар на ЕУ, БДП на Велика Британија се предвидува да биде поголем за 23% од Франција до 2035 година, благодарение на британската дигитална економија.

Европското производство сочинува 19 % од економската активност на десетте најголеми економии во светот, но тоа може да падне на 12% или пониско до 2035 година, во случај на неуредна поделба меѓу ЕУ и Велика Британија.