Индустријата за автомобилски делови е многу значајна индустрија за македонската економија, како во поглед на извозот, така и во поглед на бројот на работни места кој ги обезбедува. Истовремено, оваа индустрија е една од најпогодените од пандемијата со Ковид 19, но и со постпандемискиот недостиг на чипови, кој предизвикува големо намалување на производството и продажбите на автомобили низ целиот свет.
Најновото рангирањето на најголемите 100 македонски извозници објавено во октомври 2021 година во рамки специјалната едиција ТОП 100 ИЗВОЗНИЦИ има 17 компании кои лани имале вкупен извоз од 2,62 милијарди евра. Тоа е дури 63% од вкупниот извоз кои лани го направиле најголемите 100 македонски извозни компании или над 45% од вкупниот извоз на државата во изминатата 2020 година.
Ова, според експертите е преголема и опасна концентрација, која е аларм дека на Македонија и е итно потребна диверзификација на извозот. Вкупниот број, пак, на вработени лица во овој сектор е над 20.000 лица.
Aвтомобилската индустрија се соочува со многу големи предизвици почнувајќи од глобалната криза со недостиг од чипови, енергетската криза, поскапување на речиси сите суровини, недостиг од работка сила, па заради тоа многу од компаниите кои работат во земјава се соочуваат со пад на производството и приходите. Заради тоа компаниите од индустријата за автомобилски делови бараат поддршка од Владата со цел полесно да ги надминат последиците и да ги зачуваат работните места во периодот на намалени приходи.
Во прилог се 10-те најголеми компании од индустријата за автомобилски делови во Македонија, кои во 2020 година оствариле вкупни приходи од околу 2,3 милијарди евра, што е околу 25% од македонскиот бруто домашен производ (БДП), односно вредноста на сите производи и услуги произведени од страна на македонската економија. Во овие 10 компании на крајот на пандемиската 2020 година работеле 17.500 лица.
1.ЏОНСОН МЕТИ, Скопје
Приходи: 1.747.466.670 евра (-8%)
Број на вработени: 1.074 (3%)
Џонсон Мети веќе неколку години е најголема компанија во земјава, а истовремено и недостижен најголем извозник. Џонсон Мети во 2020 година остварил приходи од 1,75 милијарди евра, кои во пандемиската 2020 година се намалиле за 8% во споредба со претходната 2019 година.
Најголемиот извоз на катализатори на Џонсон Мети е наменет за германската автомобилска индустрија, а оваа компанија создава речиси една третина од вкупниот годишен македонски извоз.
Вкупниот број на вработени во Џонсон Мети на крајот на 2020 година изнесувал 1.074 лица. Џонсон Мети првата фабрика ја отвори во 2007 година, а во 2012 година ја отвори својата втора фабрика во зоната Бунарџик.
Британската компанија „Џонсон Мети”е светски лидер во производство на катализатори за автомобилска индустрија и катализаторски системи за контрола на загадувањето.
„Џонсон Мети” има операции во преку 30 земји во светот и вработува блиозу 15.000 луѓе.
2.КРОМБЕРГ & ШУБЕРТ, Битола
Приходи: 200.461.900 евра (-19%)
Број на вработени: 5.545 (-14,1%)
Кромберг и Шуберт и понатаму останува втора најголема фабрика од индустријата за автомобилски делови во Македонија, која во 2020 година работела со вкупни приходи од 187 милиони евра. Приходите на Кромберг и Шуберт во 2020 година бележат пад од 19% со што компанијата е петта најголема компанија во земјава според остварените вкупни приходи.
Истовремено, и покрај намалениот број вработени, германската Кромберг и Шуберт останува најголем работодавач во земјава. Во фабриката која се наоѓа во индустриската зона во Жабени, крај Битола, на крајот на 2020 година биле вработени 5.545 лица.
Во фабриката се произведуваат кабли за автомобили од многу познати светски брендови, а најголемиот дел се извезуваат во Германија.
Германската Кромберг и Шуберт е една од водечките светски компании за снабдување со електрични системи, кабли и пластични компоненти за автомобилската индустрија. Вработува над 50.000 лица во 40 локации во целиот свет.
3. ВАН ХООЛ Македонија, Скопје
Приходи: 119.596.656 (-33%)
Број на вработени: 631 (-39,8%)
Фабриката на белгискиот производител на автобуси Ван Хоол во Македонија 2020 година ја заврши со вкупни приходи од 119,6 милиони евра, што е пад од 33% во споредба со претходната година. Заради пандемијата со Ковид 19 и ограничувањата кои беа наметнати, побарувачката за нови автобуси беше драстично намалена.
Според приходите остварени во 2020 година, Ван Хоол е 18 најголема компанија во земјава. Бројот на вработени во 2020 година бил намален на 631, што е за 39,8% помалку во споредба со претходната 2019 година.
Белгискиот Ван Хоол , кој е меѓу најголемите производители на автобуси во Европа, ја отвори својата прва фабрика во Македонија во 2014 година во зоната Тирз 1 во Бунарџик на површина од 39.000 метри квадратни во која беа инвестирани 25 милиони евра. Од нив, кои како што соопшти сопственикот на белгискиот Ван Хоол, околу 17 милиони евра беа обезбедени како државна помош од македонскиот буџет.Ова беше прва инвестиција на Ван Хоол надвор од Белгија.
4.АМФЕНОЛ ТЕХНОЛОЏИ, Кочани
Приходи: 90.539.773 евра (6%)
Број на вработени: 1.829 (2,6%)
Амфенол Технолоџи е компанија со американски капитал која во својата фабрика во Кочани произведува кабли за сигурносни перничиња и други делови кои наоѓаат примена во автомобилската индустрија.
Вкупните приходи на компанијата во 2020 година надминаа 90 милиони евра, кои бележат раст од 6%. Според остварените приходи во 2020година, Амфенол Технолоџи е 16 најголема компанија во земјава.
На крајот на 2020 година во Амфенол Технолоџи Македонија работеле 1.829 лица, што е за 2,6% повеќе во споредба со претходната 2019 година.
Корпорацијата Амфенол произведува електронски делови на локации во 40 земји низ целиот свет, има приходи од продажба од 8,6 милијарди долари и 80 илјади вработени.
4. МАРКАРТ, Велес
Приходи: 75.848.983 евра (-7%)
Број на вработени: 527 (-7,4%)
Германската компанија Маркарт ја отвори својата фабрика во земјава во 2015 година, а во 2020 година работела со вкупни приходи од близу 76 милиони евра, кој бележат годишен пад од 7,4%.
На крајот на 2020 година во фабриката во велешко Караслари работеле 527 лица. Според остварените приходи во 2020 година Маркарт е 24 најголема компанија во земјава.
Германската Маркарт произведува автомобилски системи и мехатроника за познати брендови како „Јагуар Ленд Ровер“, „Рено“, „Фиат“, БМВ, „Сканија“ , „Крајслер“ и други. Постои веќе 95 години, а денеска вработува над 10 илјади лица во 20 локации низ светот.
5.ЏОЈСОН СЕЈФТИ СИСТЕМС, Кичево
Приходи: 64.820.255 евра (-4%)
Број на вработени: 1.303 (-9,4%)
Американската компанија за сигурносни производи за автомобилска индустрија ,,Џојсон Сејфти Системс ” ја отвори својата фабрика во Кичево во 2015 година.
Во 2020 година компанијата ja заврши со вкупни приходи од над 64,8 милиони евра, кои се намалени за 4% во споредба со претходната година.
На крајот на 2020 година во кичевската фабрика на Џојсон Сејфти биле вработени 1.303 вработени, пад од 9,4% во споредба со 2019 година.
Џојсон Сејфти Системс е глобален добавувач на автомобилски сигурносни-критични компоненти и системи. ЏСС е светски лидер во дизајн, развој и производство на механизми за надувување, воздушни перничиња, волани и сигурносни појаси.
ЏСС е со седиште во Мичиген, САД со околу 50.000 луѓе во 25 земји.
6.ТАБ МАК, Пробиштип
Приходи: 63.223.177 евра (-8%)
Број на вработени: 461 (0%)
ТАБ МАК или поранешната Фабрика за акумулатори Злетово е компанија за производство на акумулатори која е лоцирана во Пробиштип.
Вкупните приходи на компанијата во 2020 година изнесувале околу 63,2 милиони евра, кои бележат годишен пад од 8,0%.
Според вкупните остварени приходи во 2020 година, ТАБ МАК е 38 најголема компанија во земјава.
На крајот на 2020 година во TAB MAK работеле 461 лица.
Компанијата ТАБ МАК е во сопственост на словенечката компанија TAB
7. ДРЕКСЛМАЕР, Кавадарци
Приходи: 59.603.708 евра (-10%)
Број на вработени: 5.442 (-6,2%)
Германската Дрекслаер во својата фабрика во Кавадарци произведува кабелски инсталации и сетови наменети главно за потребите на германските автомобилски компании.
Компанијата во 2020 година работела со приходи од над 59 милиони евра, кои се намалени за 10% во споредба со претходната година.
Дрекслмаер е втор најголем работодавач во земјава со 5.442 вработени, чиј број во пандемиската 2020 година се намалил за 6,2%.
DRÄXLMAIER Group е интернационален добавувач во автомобилската индустрија со повеќе од 60 фабрики низ целиот свет и 75.000 вработени.
9. КОСТАЛ, Охрид
Приходи: 57.617.592 евра (+52%)
Број на вработени: 681 (66,9%)
Германската компанија КОСТАЛ ја отвори својата фабрика во Македонија во 2016 година, во просториите на поранешен ЕМО, во која се произведуваат електронски и мехатронски продукти – електронски автоматски менувачи, кровни модули, прекинувачи и управувачки модули за автомобилските гиганти како BMW, Daimler, Porsche, Tesla, Аudi и Volkswagen. КОСТАЛ Македонија во пандемиската 2020 година имаше голем раст на приходите од 52%, кои достигнаа 57,6 милиони евра, како резултат на зголемените производствени капацитети во кои компанијата претходно инвестираше над 50 милиони евра во најсофистицирана технологија, во постројки и во опремување на зградите.
“Костал” минатата година достигна 1.000 вработени, но се соочува со силнни предизвици кои ги предизвика кризата со недостиг на чипови која го намали производството на автомобили.
„Костал “ е светски позната компанија за производство на електроника, мехатроника и софистицирани делови за автомобилската индустрија. Компанијата е присутна во 21 држава со околу 19.000 вработени и остварува годишен обрт од 2,5 милијарди евра.
10.КОРПОРАЦИЈА ЛЕАР, Тетово
Приходи: 49.725.638 евра (6%)
Број на вработени: 983 (-11,7%)
Американската компанија ,,Леар Корпорејшн“ првично започна да работи во земјава како браунфилд инвестиција, а потоа изгради фабрика во зоната во Тетово на површина од 12.000 м2.
Во 2019 година компанијата работела со приходи од над 47 милиони евра, кои бележат раст од 6% во споредба со 2019 година.
На крајот на 2020 година во фабриката на Леар во Тетово работеле 983 лица.
Леар Корпорејшн е водечки глобален застапник за навлаки за седишта за автомобили и електрични дистрибутивни системи и ги опслужува сите поголеми производители на автомобили во светот, а нивните производи се застапени во повеќе од 350 видови на возила. Вработува над 170 илајди вработени во 257 фабрики во 38 земји низ светот.