Фондот за иновации и технолошки развој денеска објави Јавен конкурс за финансирање под инструментот за поддршка “Ко-финансирани грантови за комерцијализација на иновации“.
Целта на инструментот за поддршка – Ко-финансирани грантови за комерцијализација на иновации е да поттикне зголемување на активности за истражување и развој во приватниот сектор, да се охрабри соработката помеѓу приватниот сектор и високообразовните и научноистражувачките установи, како и останати форми на соработка за комерцијализација на иновации.
Инструментот е наменет за претпријатијата кои сакаат да развијат иновативен производ, услуга или процес, сами или во соработка со друго претпријатие и/или установа која врши високообразовна, односно научноистражувачка дејност.
Инструментот нуди финансиска поддршка на претпријатија регистрирани во Република Северна Македонија со цел да развијат и имплементираат иновативни решенија, вклучувајќи поддршка за претпријатија со висок потенцијал за раст.
Поддршката преку овој инструмент ќе биде доделена на проекти со јасна комерцијална цел кои се во фаза на прототип (или соодветна фаза во зависност од видот на иновативниот производ, услуга, процес) сѐ до прет-комерцијална (прет-пазарна) фаза.
Преку овој инструмент Фондот за иновации и технолошки развој обезбедува финансиска поддршка во максимален износ од 20.000.000 денари или 325 илјади евра и тоа:
- за претпријатија чиј просечен број на вработени е до 50 (педесет) вработени и чиј годишен приход во последните две години е помал од 2.000.000,00 (два милиони) евра, финансирање до 70% од вкупниот буџет на проект односно
- за претпријатија чиј просечен број на вработени е од 50 (педесет) до 250 (двестотини и педесет) и чиј годишен приход во последните две години е поголем од 2.000.000,00 (два милиони) евра, а помал од 10.000.000,00 (десет милиони) евра, финансирање до 60% од вкупниот буџет на проектот.
Износот на остварени годишни приходи и просечен број на вработени се утврдува согласно финансиските извештаи за 2022 и 2021 година.
Како активности кои се прифатливи за финансирање се наведени следниве:
- активности за истражување и развој;
- активности за тестирање;
- активности поврзани со заштита на интелектуална сопственост;
- дизајн;
- развој на пилот линии;
- активности поврзани со обезбедување квалитет;
- активности за маркетинг и продажба (насочени кон доведување на иновацијата до инвестициска подготвеност и зрелост за воведување на пазарот).
Повеќе информации како да добиете грант од ФИТР можете да прочитате тука.