Над 130 компании од Северна Македонија вчера остварија средба со надлежни лица од познатиот синџир на маркети “Лидл” на која имаа можност да се запознаат со условите за соработка. Овој тип на соработка со локални компании е еден од основните постулати на „Лидл“ во секоја земја каде што постои.
„Основната идеја на „Лидл“ во сите земји во кои е присутен, претставува развој на локалните производствени капацитети и заеднички раст и развој со нашите локални партнери и иако „Лидл Северна Македонија“ сè уште не е целосно оперативен, овој процес веќе активно функционира.
Од Лидл Северна Македонија велат дека во октомври минатата година започнале со проект за промоција на македонски традиционални производи во „Лидл Србија“ и „Лидл Бугарија“, каде што биле претставени македонскиот ајвар, пастрмајлијата, кочанскиот ориз, тиквешкото вино, македонското јагне и многу други производи.
Извозот што ќе се реализира преку „Лидл Северна Македонија“ до крајот на 2024 година само во овие две земји е во вредност од над 2 милиони евра или раст од четири пати во однос на минатата година, велат од Лидл.
“Вкусот на македонското овошје и зеленчук го направивме достапен до потрошувачите на „Лидл“ во Србија, Бугарија, Романија, Полска, Чешка, Словачка и Германија. Од април 2023 до март 2024 година беа извезени преку 3.600 палети овошје и зеленчук. Во рамките на календарската 2024 година со нашите локални добавувачи планираме извозот на овошје и зеленчук да достигне 4.500 палети. Наведените примери и резултати се мотивација за нас и движечка сила за понатамошен успех”, изјави Стефан Георгиев, директор на секторот за набавка во „Лидл Северна Македонија“.
„Присутни сме во 31 земја, каде ги задоволуваме потребите на домаќинства. Како лидери во сегментот на секојдневно пазарување поставуваме стандарди кои ќе го зголемат квалитетот на понудата, а во исто време ќе бидеме ценовно конкурентни на пазарот. Но основно за нас е да се соработува со локалните компании”, додаде Рубријан Хаџиев, генерален директор на „Лидл Северна Македонија“.
„Лидл“ е дел од Групацијата „Шварц” и е присутен во 31 земја, со промет од 114 милијарди евра, 12.200 маркети и над 380.000 вработени.
Во Северна Македонија, „Лидл“ започна со инвестицијата – изградба на логистички центар во Куманово.
Германскиот синџир на маркети Лидл според најавите планира да отвори неколку маркети во Скопје и уште во 7 други градови, во инвестиција вредна 300 милиони евра.
Брендот Лидл во Македонија всушност го носи филијалната на Лидл од Бугарија. Она што се потврдува од Бугарија, но и другите земји во кои е присутен, е можноста за поголем пласман на производи од домашни производители низ големата мрежа на маркети, ако се знае дека Лидл е најголем синџир на маркети низ Европа.
Особено голема можност преку маркетите на Лидл е за поголем пласман имаат свежо овошје и зеленчук од локално производство, преработки од овошје и зеленчук, кондиторски и пекарски производи и други прехранбени производи.