Македонија е меѓу земјите кои се целосно зависни од рускиот гас и во случај на ескалирање на конфликтот во Украина и стопирање на рускиот гас би била меѓу најпогодените држави, пишува порталот Statista.
Додека Соединетите Американски Држави и ЕУ работат на стратегија за замена на снабдувањето со природен гас во Европа доколку Русија ја затвори чешмата во судир со западните сили околу Украина, Катар е дециден дека не би можел да ја обезбеди потребната количина на гас и да го замени рускиот гас.
Доколку ескалира конфликтот во Украина и се воведат нови санкции против рускиот претседател Владимир Путин лично или кон Русија, тоа би можело да предизвика енергетска криза во Европа, поради големата зависност од рускиот гас, кој пристигнува на континентот преку гасоводи.
Податоците од Агенцијата на Европската унија за соработка на регулаторите за енергетика покажуваат во кои земји снабдувањето со енергија би било најзагрозено во случај на замрзнување на рускиот гас. Меѓу главните европски економии, Германија увезува околу половина од својот гас од Русија, додека Франција добива само четвртина од снабдувањето од земјата. Најголем извор на француски гас е Норвешка со 35%. Италија, исто така, ќе биде меѓу најпогодените со 46 % зависност од рускиот гас.
Велика Британија е во поинаква позиција, црпејќи половина од снабдувањето со гас од домашни извори и увезувајќи претежно од Норвешка, а исто така и од Катар. Шпанија исто така не е на листата на главни клиенти на Русија, а најголеми трговски партнери на земјата се Алжир и САД.
Но, некои помали европски земји се потпираат исклучиво на руски гас. С.Македонија е најголем зависник и 100% од потребите за гас ги задоволува од руски гас. Исто така речиси целосно зависни од рускиот гас се и Босна и Херцеговина и Молдавија. Зависноста од руски гас, исто така, е над 90% во Финска и Латвија и 89% во Србија.