Во првата половина годинава македонските компании извезле во Италија производи вредни 98,6 милиони евра, што е раст од 58,5% или за 36,4 милиони евра повеќе во споредба со првите шест месеци од минатата 2020 година.
Трговијата со Италија, која е седми најголем трговски партнер за македонските компании, забележа голем пад во првата половина минатата година со оглед дека Италија беше една од најсилно погодените земји од корона вирусот на почетокот на пандемијата.
Но, податоците покажуваат дека извозот кон Италија годинава се опоравува, достигнувајќи вредност која е поголема од вредноста на извозот од пред пандемијата.
Имено, податоците од Државниот завод за статистика покажува дека извозот на стоки во Италија остварен во првите шест месеци годинава е поголем од извозот реализиран во истиот период од пред-пандемиската 2019 година за 11,4%, а за 14,5% во споредба со извозот од првата половина од 2018 година.
Што најмногу извезуваме во Италија?
Статистичките податоци покажуваат дека најголем извоз во Италија во првата половина годинава во вредност од 17,2 милини евра е остварен со продажба на железо и челик, поточно на топловалани челични лимови.
Од извоз на нуклеарни реактори, котли и машини е остварен приход од 13,96 милиони евра. Извозот на електрична опрема и машини изнесувал 13,8 милиони евра, најголем дел или 12,8 милиони евра бил од продажба на електрични акумулатори.
Околу 8 милиони евра се приходите остварени од продажба на производи од железо и челик, при што најголем приход од околу 4 милиони евра е од продажба на печки за згревање на простории и шпорети.
Еден од најизвезуваните производи во Италија е и македонското јагне. Во првата половина годинава било извезено јагнешко месо во вредност од 8,7 милиони евра. Вкупниот извоз, пак, на храна на италијанскиот пазар во овој период изнесувал 15 милиони евра. Од нив, 2,5 милиони евра се од продажба на зеленчук, 1,4 милиони евра е извозот на преработки од овошје и зеленчук, 1,1 милиони евра биле приходите од извоз на квасец, а околу 880 илјади евра изнесувал извозот на кондиторски производи…
Од извоз на бакар и производи од бакар на италијанскиот пазар во првите шест месеци се остварени приходи од 5,8 милиони евра, а извозот на обувки и делови за обувки изнесувал 5,7 милиони евра.