Изминатата 2021 година македонската економија ја заврши со извоз во вредност од 6,92 милијарди евра, кој е поголем за 19,8% во споредба со 202 година.

Увозот пак во изминатата година се зголемил за 26,9% и достигна 9,64 милијарди евра. Со тоа трговскиот дефицит на крајот на 2021 година достигна 2,71 милијарда евра и е за 49,5% поголем во споредба со 2020 година. Покриеноста на увозот со извозот во 2021 година изнесува 71,8%, што е намалување во однос на 2020 и 2019 година кога покриеноста на увозот со извозот изнесувала 76,1%, односно 76,2%.

Ако се анализира количински, извозот на економијата во 2021 година е зголемен далеку помалку, односно за 10,5%, што се објаснува со големиот раст на цените на многу суровини и влезни инпути кои ја зголемуваат вредноста на извозот.

Гледано вредносно, извозот минатата 2021 година го надмина извозот од претпандемиската 2019 година и е поголем за 7,6%, додека споредбата на извезените количини покажува дека ланскиот извоз е за 1,4% понизок во споредба со количините извезени во 2019 година.

Што се однесува до увозот, тој лани вредносно е поголем за 14,1% во споредба со претпандемиската 2019 година.

Трговската размена по производи покажува дека во извозот најголемо учество лани имале катализаторите, сетовите на проводници за палење за возила, авиони или бродови, деловите на седишта и фероникелот. Во увозот биле најмногу застапени другите метали од платинската група и нивни легури, необработени или во облик на прав, нафтените деривати, платината и легурите на платина, необработени или во прав и  керамичките производи за лабораториска, хемиска и индустриска употреба.

Анализирано по сектори, податоците покажуваат дека извозот во 2021  година во сите сектори бележи раст во споредба со 2020 година. Најмал раст има кај извозот на пијалоци и тутун, од само 0,8%, кој лани надмина 195 милиони евра и кај извозот на храна кој лани пораснал за 7,2%, достигнувајќи 389,5 милиони евра.

Извозот на нафта и минерални горива лани бележи раст од 56,6%, достигнувајќи 127,5 милиони евра. Извозот на хемиски производи, каде влегуваат и катализаторите на наголемиот извозник Џонсон Мети, лани бележи раст од 36,2%, надминувајќи 1,87 милијарда евра.

Ако се гледа по региони, најголем извоз лани е остварен традиционално на пазарите во ЕУ, каде во текот на целата 2021 година биле извезени стоки вредни 5,35 милијарди евра или 77,3% од вкупниот македонски извоз, што е  раст од 19,5% во споредба со 2020 година.

Извоозот во земјите од Западен Балкан, пак, растел повеќе од оној во ЕУ, и лани достигнал 817,5 милиони евра, што е годишен раст од 28,5%.

Гледано по земји, Германија и понатаму останува најголем извозен пазар за македонската економија, каде лани биле извезени стоки во вредност од 3,2 милијарди евра, што е раст од 19% во споредба со 2020 година. Втор најголем пазар останува Бугарија со извоз вреден 336 милиони евра (+23,4%), следуваат Косово со извоз од 302,7 милиони евра (+29,6%), Србија со извоз од 292 милиони евра (+30,9%), Унгарија со извоз од 212 милиони евра (+23,8%) и Италија со извоз од 207,6 милиони евра (+45,1%).