Извршниот директор на автомобилската компанија Тесла, Илон Маск смета дека потрошувачката на електрична енергија ќе се зголеми двојно доколку се електрифицираат автомобилите во светот, што ја зголемува потребата за проширување на изворите за генерирање на нуклеарна, соларна, геотермална и ветерна енергија, објавува Ројтерс.
Зголемувањето на достапноста на одржлива енергија е голем предизвик како што автомобилите се движат од мотори со согорување кон електрични мотори управувани од батерии, смена што ќе трае две децении, смета Маск.

„Ќе бидат потребни уште 20 години автомобилите да бидат целосно електрични. Тоа е како со телефоните, не можете да ги замените сите одеднаш “, рече Маск, додавајќи дека околу 5% од возилата се заменуваат секоја година.

Штом електричните автомобили станат норма, ќе треба да се складира електрична енергија од периодичните извори на генерирање на енергија како што се ветер и сонце, веројатно преку технологијата на батерии, рече тој.
„Заедно со големи пакувања на батерии, треба да се комбинираат обете работи, енергијата на ветерот со батериите и сончевата енергија“, рече Маск.
Tesla започнува со плановите за изградба на својата четврта гигафабрика во Германија, најголемата економија во Европа.
„Најдобрите турбини на ветер се произведуваат во Германија“, рече тој.
„Секогаш ми е убаво кога сум тука. Ми се допаѓа инженерската култура. Луѓето сакаат да ги завршат работите “, изјави Маск за време на говорот на настан организиран од издавачот Аксел Спрингер.
Тесла неодамна се стекна со лиценца за трговија со електрична енергија во Западна Европа, а компанијата исто така ги испитува клиентите во Германија за потенцијална употреба на електрична енергија од Тесла во нивните автомобили.