Меѓународниот монетарен фонд(ММФ) ја намали својата прогноза за глобален раст за оваа година бидејќи зголемениот број случаи на Ковид-19, прекините на синџирот на снабдување и повисоката инфлација го попречуваат економското закрепнување.
Во одложениот извештај за глобалната економска прогноза, ММФ рече дека очекува растот на глобалниот бруто-домашен производ да ослаби од 5,9 % во 2021 година на 4,4 отсто во 2022 година.
„Глобалната економија влегува во 2022 година во послаба форма од очекуваното“, се вели во извештајот, истакнувајќи ги „изненадувањата“ како што се појавата на варијантата „омикрон“ и нестабилноста на пазарот.
Ревидираните изгледи беа поттикнати од намалување на растот на двете најголеми светски економии – САД и Кина.
Се очекува САД да пораснат за 4% во 2022 година, што е за 1,2 процентни поени пониско од претходно прогнозираното, бидејќи Федералните резерви го повлекуваат својот монетарен стимул, а прекините на синџирот на снабдување ја оптоваруваат економијата.
Во меѓувреме, се предвидува дека Кина ќе порасне за 4,8 проценти оваа година, што е за 0,8 процентни поени помалку од претходните проценки поради нарушувања предизвикани од нејзината политика на нулта толеранција на Ковид, како и „проектираниот финансиски стрес“ меѓу нејзините инвеститори.
На другите места, сè уште растечкиот број случаи на Ковид во комбинација со зголемената инфлација и повисоките цени на енергијата влијаеја на проценките за раст на глобално ниво, особено во Бразил, Канада и Мексико.
ММФ рече дека повисоката инфлација ќе трае подолго од очекуваното, но додаде дека треба да се намали подоцна оваа година, „бидејќи нерамнотежата на понудата и побарувачката ќе исчезнат во 2022 година, а монетарната политика во големите економии реагира“.
Извештајот ги подобри прогнозите за раст за 2023 година за 0,2 процентни поени на 3,8 %.