ИНТЕРВЈУ: ЖИВКО МУКАЕТОВ, ГЕНЕРАЛЕН ДИРЕКТОР И ПРЕТСЕДАТЕЛ НА УПРАВНИОТ ОДБОР НА „АЛКАЛОИД“ ЗА СРПСКИОТ МАГАЗИН “НЕДЕЉНИК”
Современи производствени погони, најнови машини, лабораторија и развоен центар кои се сместени во посебна зграда… најсовремена и најчувствителна опрема за контрола и за мерење, голем број млади и образовани луѓе…
Ова се сликата и впечатоците за скопската фабрика „Алкалоид“ што ги споделуваме со генералниот директор и претседател на УО, Живко Мукаетов, кој ни беше домаќин по повод јубилејот на една од најпознатите македонски и ексју фабрики.
Како се трансформираше и се менуваше „Алкалоид“ во текот на 85-те години работење?
– Фабриката „Алкалоид“ беше столб на новата индустрија во времето кога почна да работи, во далечната 1936 година, како индустриски погон за екстракција на морфиумска база, со само петнаесет вработени. Дури и во времето на трансформација на системот и на радикални промени „Алкалоид“ успеа да го трасира својот пат до успехот, а клучна беше посветеноста на развојот и на стратешките инвестициски одлуки. Континуираните инвестиции, како и посветеноста на растот и на одржливиот развој придонесоа за она што е денес „Алкалоид“ – шеста фармацевтска индустрија во Југоисточна Европа со над 2.000 вработени во базата во Скопје и со над 500 во странските филијали. Производите на „Алкалоид“ моментално се пласираат во над 40 земји низ светот, а компанијата има своја маркетинг-мрежа од 20 канцеларии во 14 земји надвор од Македонија.
Како гледате на почетокот на третата деценија од третиот милениум?
– На почетокот на овој трет милениум компанијата донесе неколку стратешки важни одлуки кои се однесуваа на јакнењето на капацитетите и на глобализацијата на брендот „Алкалоид“. Би ги споменал инвестициите во нови технологии, целосната дигитализација на работењето, удвојувањето на бројот на канцеларии на „Алкалоид“ надвор од македонската база, отворањето производство во Србија, како и формирањето на Институтот за истражување и развој и на Центарот за контрола на квалитетот.
„Алкалоид“ во сето ова инвестираше над 200 милиони евра и со тоа придонесе нашите пласмани во последните 15 години да пораснат од 53 милиони на над 205 милиони евра, колку што очекуваме на крајот на оваа година. Оваа интензивна промена на животниот стил што ја имаме денес сигурно не била случај во минатото, а оваа здравствена криза на почетокот на третата деценија од третиот милениум нè научи на многу важни лекции и го забрза развојот на нови вештини, креативност и иновативност во компанијата, како и на стратегија, која ја налагаат новото време и барањата на пазарот.
Годината на нашиот 85-ти роденден беше полна со неизвесност и со предизвици, но нашите човечки ресурси отсекогаш беа во фокусот и наш императив е да изградиме компанија во која луѓето ќе бидат задоволни и ќе ги вложат своите потенцијали за заеднички успех на сите нас во „Алкалоид“.
Што претставува српскиот пазар за компанијата, не само извозно, туку и стратешки?
– Србија седум и пол децении е дел од 85-годишната приказна на „Алкалоид“, што доволно зборува за пријателството, разбирањето, блискоста на јазикот и културата, како и за нашата традиција на овој пазар.
Според српските фармацевти, лековите на „Алкалоид“ никогаш не излегле од книгите на жолтиот регистар (лекови). Србија е првата земја надвор од македонските граници каде што компанијата има сопствено производство и големопродажба, во која се вработени 145 луѓе, што, исто така, доволно зборува за стратешкото значење на овој пазар за нас.
Производствената програма на „Алкалоид“ во Србија опфаќа над 160 производи од областа на фармацијата, а, секако, би го споменал и нашиот бренд „Бекутан“, со кој пораснале и со кој растат генерации во регионот.
Во кои производствени капацитети компанијата има инвестирано најмногу во последно време, во согласност со идниот развој?
– Компанијата во последните 20 години најмногу инвестираше во сегментот развој и производство на фармацевтски производи, како и во детската козметика и во чаевите. Повеќе од 65 % од нашиот пласман е наменет за извоз, а тој однос беше обратен пред две децении, во корист на домашниот пазар.
Задоволството е навистина големо кога ќе го видам логото на „Алкалоид“ (Made in Macedonia) на полиците на ексклузивните продавници во Северна Америка. Канада, Италија, Австрија, Шпанија и Португалија се некои од новите пазари што ги додадовме на листата во последните неколку години, а глобализацијата на брендот „Алкалоид“ е патот на кој планираме да останеме фокусирани.
Планови за идни инвестиции и за натамошен развој?
– Успехот во работењето на „Алкалоид“ е, пред сè, огледало на квалитетот на човечките ресурси кои работат во компанијата, на квалитетот на производите, на самиот бренд „Алкалоид“, но и на индивидуалните брендови што ги имаме, а кои ги граделе генерациите пред нас, години наназад.
Покрај инвестирањето во развој на бизнисот, на врвот на агендата на „Алкалоид“ ќе биде и инвестирањето во заедницата во која живееме и работиме. „
Алкалоид“ и Фондацијата „Трајче Мукаетов“ лани донираа над 1,2 милиони евра, од кои околу 300.000 беа наменети за земјите од регионот, вклучително и Србија.
Во духот на нашата максима „Здравјето пред сè“, „Алкалоид“ ќе остане посветен на позитивните вредности – кредибилитетот, професионалниот интегритет, хуманоста и, пред сè, човечката солидарност.