Цените на нафтата денеска паднаа за 4%, продолжувајќи ги загубите од минатата недела поради поскапиот долар и загриженоста дека новите ограничувања поврзани со коронавирусот во Азија, особено во Кина, може да го запрат глобалното закрепнување и побарувачката за гориво.

Фјучерсите на нафтата од типот „брент“ паднаа за 2,43 долари, или 3,5%, на 68,27 долари за барел, по падот од 6% минатата недела, што е најголема неделна загуба во последните четири месеци.

Фјучерсите на суровата нафта на американскат West Texas Intermediate (WTI) паднаа за 2,41 долари, или 3,6%, на 65,87 долари, откако минатата недела поевтини за скоро 7%, што е најголем неделен пад во последните девет месеци.

„Загриженоста за потенцијалниот глобален пад на побарувачката на нафта повторно се појави со забрзување на стапката на инфекција со варијантата Делта, посебно во Кина и азиските земји“, смета аналитичарот на RBC, Гордон Рамзи.
Главна причина која ги замаглува изгледите за раст на побарувачката за нафта се новите ограничувања во Кина, вториот по големина потрошувач на нафта во светот.

Ограничувањата вклучуваат откажување летови, предупредувања од 46 градови против патувања и ограничување на јавниот превоз и такси услугите во 144 од најтешко погодените области.
Во понеделникот Кина пријави 125 нови случаи на Ковид 19, наспроти 96 еден ден порано. Во Малезија и Тајланд, инфекциите исто така достигнуваат дневни рекорди.

Растот на извозот на Кина забави повеќе од очекуваното во јули по појавата на случаи на Ковид 19 и поплавите, додека растот на увозот исто така беше послаб од очекуваното.

Кинескиот увоз на сурова нафта опадна во јули и беше остро намален од рекордните нивоа во јуни 2020 година.

Зголемувањето на вредноста на американскиот долар до највисокото ниво во последните четири месеци во однос на еврото, исто така, влијаеше на цената на нафтата, откако во петокот, посилниот од очекуваниот извештај за работни места во САД, ги поттикна облозите дека Федералните резерви би можеле побрзо да се движат за да ја заострат американската монетарна политика.

Посилниот американски долар ја прави нафтата поскапа за носителите на други валути.

Извор: Reuters