“Девизниот курс на денарот е стабилен и нема промени во неговото ниво”, потенцираат од Народната банка по објавите на некои медиуми дека курсот на денарот надминал 62 денари.
“Средниот курс на еврото според курсната листа на Народната банка изнесува 61,69 денари и истиот е непроменет во однос на лани. Во ова може секој да се увери доколку ја посети веб-страницата на Народната банка, каде секој ден се објавуваат овие податоци https://www.nbrm.mk/kursna_lista.nspx и која е единствен релевантен извор на информации според којшто населението и фирмите може да го следат девизниот курс на домашната валута. Таа ги отсликува цените на валутите од реалните тргувања на домашниот девизен пазар”, велат од Народната банка.
Од Народната банка велат дека располагаат со низа инструменти со коишто ја гарантираат стабилноста на денарот во однос на еврото. Исто така, девизните резерви коишто се клучни за одржување на стабилноста на курсот на домашната валута се на високо ниво – двојно повисоко од пред глобалната економска криза во 2008 година.