Економскиот раст во Германија може да биде послаб оваа година отколку што беше предвидено, бидејќи економијата неочекувано може да биде оптоварена од новиот бран на Ковид 19 оваа есен, предупреди вчера германската Бундесбанк.
Се очекува најголемата европска економија да порасне 3,7%оваа година и 5,2% во 2022 година.
Економијата, најверојатно, ќе порасне силно во летните месеци, бидејќи на секторот услуги му помогна ублажувањето на корона мерките паралелно со намалувањето на бројот на заразени, што ги зголеми приходите од туризмот.
Иако германските власти би можеле повторно да воведат некои ограничувања оваа есен, ако бројот на заразени продолжи да расте, најверојатно тие нема да бидат толку строг како во претходниот период, бидејќи Германија постигна напредок во вакцинирањето на населението, потенцира германската Централна банка во месечниот извештај.
Заканата несомнено е предизвикана од побавната стапка на вакцинација и индикаторите за расположение веќе сигнализираат зголемена загриженост за ширењето на делта вирусот во Европа.
„Делта сојот и послабата динамика на вакцинација може повторно да го поттикнат заострувањето на заштитните мерки, што дополнително ќе ја оптовари економијата во есенскиот квартал“, се вели во извештајот на Бундесбанката.
Од германската централна банка потврдија дека инфлацијата може да се приближи до нивото од 5% до крајот на годината, што е значително над целното ниво на Европската централна банка од 2%. Но, според проценките, на почетокот на следната година, растот на цените би требало нагло да забави.