Европската комисија почна со објавување повици за проекти во рамки на Програмата за истражување и развој „Хоризонт Европа“ 2021-2027 година. Како што соопшти Стопанската комора, Програмата официјално почнува утре, но првиот повик е објавен минатата недела во рамки на Европскиот иновациски совет (ЕИС), а крајниот рок за аплицирање е 17 мај 2021 година.
Повикот е наменет за проекти кои нудат нови, високо ризични технологии и процеси за кои е потребно темелно истражување – од иновација до пазар, а на него може да учествуваат компании, истражувачки центри, универзитети и бизнис асоцијации кои треба да соработуваат за да ја постигнат целта на Европската унија да стане конкурентна и иновативна економија со зголемени капацитети за извоз и интернационализација.
За да се аплицира на повикот, потребно е формирање конзорциум од минимум три партнери, од кои едниот треба да биде од ЕУ земја, а конзорциумот треба да биде составен од универзитети, истражувачки научни центри, индустрија, мали и средни претпријатија (МСП) или стартапи. Притоа, ќе бидат земени предвид компании кои имаат ниско ниво на технолошка подготвеност (TRL 1-4) за да им се помогне не само да ја развијат нивната иновација, туку и да може да ја произведат и да ја пласираат на пазарот.
Проектите кои ќе се добијат во рамки на овој повик – Pathfinder- ќе бидат 100 отсто кофинасирани и намалку 70 приценти од буџетот треба да биде наменет за компанијата.
-Максималниот грант е три милиони евра, а апликацијата е максимално поедноставена. Предлог проектот во кој треба да се објасни целиот процес за развој на една иновација, треба да се стави на максимум 17 страници. Новина е тоа што евалуаторите пред да донесат конечна одлука дали проектот е подобен за финасирање, ќе побараат дополнителни објаснувања од самиот апликант – нешто што досега не беше овозможено, рече на прес-конференција Јадранка Аризанковска, координатор на проекти во Стопанската комора.
Според неа, Европскиот иновациски совет (ЕИС) е клучен новитет на „Хоризонт Европа“ програмата, преку кој компаниите ќе добијат поддршка во реализација на своите иновативни проекти и преку Европскиот иновациски совет како дел од програмата би се реализирале потпрограмите наменети за компаниите. ЕИС ќе ги продолжи проектите кои досега беа познати како Инструмент за мали и средни компаании и Брза трака до иновации, но ќе воведе и други потпрограми кои ќе бидат наменети за МСП.
Европскиот иновациски совет е поедноставениот пристап за аплицирање, особено за малите и средни компании кои треба да покажат дека имаат потенцијал да развијат нови подобрени, поздрави производи и да ги подобрат своите производни процеси кои ќе значат заштита на животната средина.
-Основна насока во подготовка на сите проектни апликации е постигнување една или повеќе од целите зададени во Европската стратегија, а тоа се Договорот за зелена економија, Дигитализација и Конкурентна и иновативна економија, потенцира Аризанковска и додаде дека во рамки на EIC Pathfinder е објавен и првиот повик за иновации кои се во почетна фаза и за кои е потребно детално истражување за да може во следни повици да се иззоди патот од иновација до пазар, потенцира Аризанковска.
Во рамки на Европскиот иновациски совет, дополни, се развиени алатки или систем со кои компаниите ќе бидат поддржани во целиот нивен пат во реализација на развивање на иновацијата, идустриско производство и пласирање на пазарот. Тоа е и новина во оваа програма каде Европската комисија во рамки на Европскиот иновациски совет има развиена стратегија со која ќе ги поддржува компаниите да развијат иновација, но и да можат да ја стават во процес на производство, да ја пласираат на пазарите во ЕУ и пошироко и истовремено да ги поддржи со дополнителни средства по принципот на venture capital. Целта е да се зајакне не само иновативниот потенцијал на компаниите, туку и да се обезбеди пат за нивен настап на пазарот.
Повикот може да се најде на https://ec.europa.eu/info/funding-tenders/opportunities/portal.