Македонската компанија за производство на месни преработки “Пекабеско” објави дека во првата половина од 2022 година работела со вкупни приходи од продажба од 40,1 милион евра, кои се за 15% поголеми во споредба со истиот период 2021 година.

Најголемиот дел од приходите од продажба на Пекабеско или 87% се остварени од продажби на домашниот пазар, кои во првите шест месеци од 2022 година се зголемени за 16% и изнесувале 35 милиони евра.

Приходите од продажба на странски пазари на Пекабеско во првото полугодие се зголемени 7%, достигнувајќи 5,1 милион евра.

Оперативните расходи на Пекабеско во првата половина годинава бележат раст од 17%, и изнесувале 39,8 милиони евра.

Пекабеско информира дека во првите шестмесеци годинава работел со добивка од близу 719 илјади евра, која е за 19% помала во споредба со истиот период лани.

Од компанијата Пекабеско објаснуваат дека главните причини за намалената профитабилност се замрзнатите продажни цени со одлука на Владата во периодот од 1 декември 2021 година до 28 февруари 2022 година, порастот на трошоците за енергија од 200% во однос на минатата година, како и растот на сите набавни цени за сурпвините и материјалите. Исто така, од компанијата објаснуваат дека заради појавата на Африканска чума биле во неможност да извезуваат на некои од нивните извозни пазари.

Од компанијата информираат дека во првите шест месеци годинава инвестирале 43 милиони денари, главно во купено земјиште, производствена и транспортна опрема.

Вкупната задолженост на крајот на март годинава изнесувала 331 милиони денари (5,54 милиони евра) и во споредба со состојбата од минатата година бележи зголемување од 22,5%.

Компанијата Пекабеско е меѓу 100-те најголеми извозници во земјата, која според извозот во 2020 година се најде 55-то место на листата Топ 100 Извозници.