Стопанската комора на Северна Македонија во согласност со својата стратешка определба продолжува со промоција на активностите за поддршка на извозните капацитети и конкурентност на македонските компании, кои се остваруваат во рамки на проектот „Поддршка на приватниот сектор за регионална интеграција“, во партнерство со Американсата агенција за меѓународен развој – УСАИД, кој се реализира три години, до крајот на јуни 2025 година.

За таа цел можностите кои ги нуди Проектот, за извозно ориентираните компании, денеска Стопанската комора на Северна Македонија, ги презентира пред стопанствениците од Југоисточниот регион, во Струмица.

Акцентот како што информира в.д. оперативниот директор за развој, иновации и знаења при Комората, м-р Михајло Донев се става на двете основни цели на проектот:

  • да се постигне подобрување на регионалната и меѓународната деловна соработка на македонските компании со пазарите на Западен Балкан и Европската Унија од една страна и
  • зголемување на конкурентноста на извозно ориентираните компании и нивна интеграција во регионални и глобални синџири на вредност.

Во првата година од Проектот (заклучно со јуни 2023 година) ќе бидат испорачани Студија за мапирање на регионалниот трговски и инвестициски потенцијал и Анализа за извозните потенцијали кои ќе бидат појдовна основа за реализација и на други активности како конференции за водење бизнис со ЕУ и регионот на Западен Балкан, Б2Б средби, купувачки мисии, изработка на: „Платформа за дигитален извоз“ – Easy Export и Развој на Институт за извоз итн.

Пред присутните беа најавени и петте повици за поддршка на извозно ориентираните компании во процесот на градење на нивните извозни капацитети кои ќе бидат објавени во текот на неделата. Повиците опфаќаат директна помош на компаниите преку развој на Стратегии/Планови за извоз на пазарите; дигитална трансформација; имплементација на меѓународни стандарди за квалитет и циркуларна економија; техничка помош за пристап до финансии, за кои избраните компании ќе имат техничка поддршка од страна на консултанти кои се експерти во дадената област.

Проф. д-р Дарко Лазаров, главен експерт во изработка на анализата за извозните перформанси и идентификување на извозните потенцијали на македонската економија, презентираше дел од добиените резултати на самиот настан. Тој посочи дека Југо-источниот регион е значаен за македонскиот извоз и покрај тоа што учествува со 6-7% (околу 450-500 милиони евра) во вкупниот извоз на земјата. Доминантни извозни производи од овој регион се примарно земјоделски производи (околу 16-17%), прехранбени производи и пијалоци (околу 15-16%), метали и метални производи (околу 14-15%), производи од дрво и мебел (околу 14%), облека (околу 14%) и производи од гума и пластика (околу 6-7%). За илустрација, релативното учество на извозот на примарно земјоделски и прехранбени производи од овој регион во вкупниот извоз на земјоделски и прехранбени производи од земјата изнесува 27% и 20%, респективно. Она што е поважно за овој регион согласно проекциите во рамки на анализата е фактот што овој регион има силни извозни потенцијали во наредниот период. Имено, направените проекции за извозниот потенцијал согласно светските трендови на побарувачка и конкурентски предности на земјата во споредба со остнатите земји покажуваат значајни извозни можности кај голем број на земјоделски производи (свеж зеленчук и овошје, замрзна зеленчук и овошје), производи од конзервната и кондикторската индустрија, метали и метални производи, како и мебел, изјави Лазаров.