Владата на Полска одвои 168 милиони евра на 92 полски големи енергетски интензивни компании, најави министерот за развој и технологија, Валдемар Буда.
Ова е прва транша од поголемата шема за поддршка за компаниите кои се најважни за економијата и се најголеми работодавци во нивните региони.
Државната помош е одобрена и од Европската комисија и ќе им користи на фирмите кои работат во енергетско-интензивните индустрии, како што се металургијата, производството на алуминиум, хемикалиите и индустријата за хартија.
Втората транша вредна 1,05 милијарди евра ќе биде упатена до малите и средни компании, рече Буда.
Европските земји, вклучително и Полска, се погодени од рапидно растечките цени на енергијата откако Русија ја нападна Украина во февруари.
Полската влада презеде повеќе чекори за да ги олесни фектите од порастот на цените на енергијата за полските бизниси.
На 13 октомври 2022 година стапија на сила законските измени со кои се уредуваат принципите на спроведување програми за поддршка на бизнисот поради состојбата на енергетскиот пазар во периодот 2022-2024 година. Овој акт создаде правна рамка за усвојување на шеми за државна помош во согласност со Привремената кризна рамка воведена од Европската комисија. Оваа регулатива ѝ дозволува на полската влада да усвои шеми за помош, меѓу другото, давајќи помош за да се компензираат дополнителните трошоци поради големите зголемувања на цените на природниот гас и електричната енергија или помош за декарбонизација на индустриското производство.
Полската влада, исто така, поднесе предлог-закон до парламентот за вонредни мерки кои имаат за цел ограничување на цените на електричната енергија и поддршка на некои корисници во 2023 година. Оваа регулатива ќе ги ограничува цените на електричната енергија за различни видови потрошувачи на енергија, вклучително и малите и средни претпријатија (МСП). Овие ограничувања на цените ќе важат од 1 декември 2022 година до 31 декември 2023 година и може да се применуваат ретроактивно во исклучителни случаи.
Ограничувањата на цената на електричната енергија ќе претставуваат општа мерка за поддршка наменета за МСП од сите сектори на економијата. Веќе усвоениот Закон ѝ дава на полската влада правна рамка да усвои поконкретни шеми за помош, на пример, наменети за големите индустриски претпријатија во енергетски интензивните сектори, кои се најтешко погодени од порастот на цените на енергијата.
Извор: FirstnewsPoland