Премиерот Димитар Ковачевски денеска од Охрид порача дека ќе побара ревизија на договорот за изградба на автопатската делница од Охрид до Кичево.

–  Сметам дека е недозволиво еден автопат од 40 километри да се гради над десет години и се уште да не биде направен, притоа да се бара повторно продолжување  што треба да оди пред пратениците. Од таа причина ќе побарам ревизија на овој проект, и со оглед на тоа што проектот од низа на причини не е завршен десет години, сметам дека треба да се размислува и во насока на раскинување на договорот и барање изведувач што ќе го изгради на квалитетен начин, а не да гледаме десет години да се прави пат, да се инвестираат пари, а да нема досега пуштен ниту еден метар од автопатот, рече Ковачевски.

Тој потсети дека проектот се гради согласно договор изгласан во Собранието, тој практично станува закон, а секоја промена односно анекс повторно се одобрува од пратениците.

– Недозволиво после десет години пратениците повторно да разгледуваат продолжување на нешто што требало да се заврши пред многу години, и оттаму е потребна ревизија врз основа на која ќе се предложат решенија кои е значат кончено завршување на овој автопат…Треба да се направи ревизија и врз основа на неа да се донесе одлука. Една од опциите е секако и раскинување на договорот, истакна премиерот Ковачевски, притоа најавувајќи и можна специјализирана ревизија на проектот и сите пропусти.

Претходно од говорницата на Првата конференција за патна инфраструктура што се одржува впо Охрид, сериозни забелешки и критики за динамиката по која се гради автоипатот Охрид – Кичево изнесе првиот вицепремиер Артан Груби, истакнувајќи дека е неприфатливо таа делница да не е завршена после десет години од стартот на градежните работи.

– Изградбата започна во 2013 започна со 400 милиони евра, денеска е над 600 милиони евра и нема еден метар асфалт пуштен во употреба. Истекува рокот на крај на годината и сметам дека е крајно време и Владата и Собранието да го разгледа тој договор па ако треба и нека се прекине и нека се даде на друг затоа што ова е веќе скандалозозно и неприфатливо. Треба да се почне кривична постапка за погрешно проектирање. Единаесет нови свлечишта на Кичево – Охрид, Тоа е апсолутно неорифатливо. Десет години проект, да се случува, но намерни грешки при проектирањето и бесконечно одолговлекување на проектите, тоа ги чини живот граѓаните. Колку само сообраќајки имаме на овој пат. Ова е апсолутно неприфатливо и незнам како ќе гласаат пратениците на крај на декември по однос на продолжувањето на тој договор затоа што е скандалозен… Ни помина животот чекајќи да се завршат проектите, рече Груби.

Автопатската делница Охрид – Кичево е дел од Коридорот 8, со вкупна должина од 57 километри, проект чија цена од првично предвидените 374 милиони достигна 598 милиони евра. Изградбата на автопатот почна во февруари 2014 година и после неколкуте анекси и продолжувања на роковите требаше да биде целосно завршен до крајот на оваа година.

Извор: МИА