Производните цени во Германија во ноември пораснаа најсилно од 1962 година, со убедливо најголем пораст на цените на нафтата, покажува најновиот извештај на Дестатис .
Во однос на ноември минатата година тие се зголемени за 16,6 %, откако во октомври се зголемија за 15,2%, објави Заводот за статистика.

Поттикнати од наглиот пораст на цените на суровините и на репроматеријалите, цените на производителите во најголемата европска економија драстично се зголемуваат со најголема стапка на годишно ниво од 1962 година, кога заводот за статистика почна да ги прави тие пресметки, се вели во извештајот.

На месечна основа, растот на цените на производителите благо забави, на 1,3 %, од 1,6% во октомври.

На годишно ниво најмногу пораснале продажните цени на нафтените деривати и тоа за 62,4%, покажа извештајот.

Цените на земјоделските производи на годишна основа имаат раст од 16,3, додека на месечно ниво цените пораснале за 2,8%.

Високиот пораст на цените на земјоделските производи во голема мера се должи на наглото поскапување на растителните производи, за 24,4% во однос на октомври минатата година, се вели во извештајот.

Главна причина за овој скок е поскапувањето на житариците, чија цена веќе извесно време расте, пред се поради силната побарувачка и кај германските и кај странските производители на брашно. Тие во октомври беа за 36,9 % поскапи од претходната година.

Поскапеа и компирите, за 43,5%, поради лошите приноси. Цените на семето од репка пораснаа уште повеќе, за дури 62 %, како одраз на слабата глобална понуда и силната побарувачка за производство на енергија.