Британското производство на автомобили минатата година падна на најниско ниво од 1956 година, главно поради глобалниот недостиг на полупроводнички чипови што ги натера производителите на автомобили да ги забават или затвораат погоните додека чекаат делови, објави индустриската групација во четвртокот.

Здружението на производители и трговци на мотори (SMMT) соопшти дека производството паднало за 6,7% од 2020 година на 859.575 возила и е 34% под нивото од 2019 година, пред пандемијата.

„Генерално, ова беше длабоко депресивна година“, изјави главниот извршен директор на SMMT, Мајк Хоус пред новинарите. „Влијанието на полупроводниците навистина силно ја погоди индустријата во последниот квартал од минатата година.
Од SMMT очекуваат недостатокот на чипови да се намали оваа година, а производството на британски автомобили да се зголеми за 19,7%, на над 1 милион возила.

Недостигот на чипови предизвикан од пандемијата, кои се користат во сè, од сензори за сопирачки и серво волани до системи за забава, ги натера производителите на автомобили ширум светот да го намалат или прекинат производството, зголемувајќи ги цените и на новите и на користените возила во услови на голема побарувачка од потрошувачите.
Целокупниот пад на британското производство на автомобили беше делумно предизвикан и од долго планираното затворање на фабриката за возила на Honda во Свиндон.

Единствена светла точка е дека производството на електрични возила во Британија се зголеми за 72% минатата година.

SMMT претходно овој месец соопшти дека целосно електричните автомобили сочинувале 11,6% од продажбата во 2021 година – повеќе од кумулативната продажба за 2016 до 2020 година.