Македонските прерханбени компании извезле 18.400 тони преработки од овошје и зеленчук на странските пазари во вредност од 40,5 милиони евра во првите шест месеци годинава, покажуваат податоците од Државниот завод за статистика. Вредноста на извозот бележи раст од 13% во споредба со истиот период лани, додека извезените количини биле поголеми за 2,6%.
Најголем дел отпаѓа на извозот на зеленчук, посебно ајварот кој традиционално одлично се продава во земјите од регионот и земјите со побројна македонска дијаспора.
Македонските преработки од овошје и зеленчук во првата половина годинава се извезувале на 50 извозни пазари, а на 12 пазари бил остварен извоз поголем од 1 милион евра.
Најголеми извозни пазари биле Хрватска со извоз од 6,5 милиони евра, Србија со извоз од 5,8 милиони евра, Германија со извоз од 3 милиони евра, Косово со извоз од 2,5 милиони евра, Словенија со извоз од 2,6 милиони евра, Австралија со извоз од 2,3 милиони евра, Босна и Херцеговина со извоз од 2,2 милиони евра, Швајцарија, САД и Црна Гора со извоз од по 2 милиони евра.
Индустријата за производство на преработки од зеленчук и овошје, една од извозно најуспешните македонски индустрии, континуирано го зголемува произодството, извозот и продажбите во последниве десетина години.
Во изминатата 2023 година од Македонија биле извезени преработки од зеленчук и овошје во вредност од 87,5 милиони евра, што е раст 10,4% или за осум милиони евра повеќе во споредба со 2022 година.
Најголеми компании извозници на преработки од овошје и зеленчук се Дием Гевгелија, Вори Гевгелија, Тргопродукт Струмица, Дим Комерц Валандово, Ларс Штип, Випро Гевгелија и други.
Извозот остварен минатата година е најголем во последните 10 години, според вредноста на остварените продажби. За споредба, извозот на преработките од зеленчук остварен во 2023 година бил повеќе од двојно поголем (+107%) во споредба со извозот на, пример, во 2014 година, кога биле извезени преработки во вредност од 42 милиони евра.
Индустријата за преработки од овошје и зеленчук е една од ретките индустрии во која имаме суфицит, односно повеќе извезуваме отколку што увезуваме.
Статистиката покажува дека во првите шест месеци во земјава биле увезени 15 илјади тони преработки од зеленчук и овошје од странство во вредност од околу 29 милиони евра. Тоа значи дека само во првата половина годинава во трговијата со овие производи со странство бил остварен суфицит од близу 11 милиоин евра. Минатата 2023 година суфицитот изнесувал близу 34 милиони евра.