На церемонија што се одржа во фабричките простории во Охрид, вчера, светски познатиот автомобилски бренд „Јагуар Ленд Ровер“ на компанијата „Костал Македонија“ и врачи награда за квалитет за, како што беше посочено, одлично сработената работа и високиот квалитет на испорачаните делови кои се вградуваат во возилата на „JLR“ (Jaguar Land Rover).
Наградата од име на делегацијата на „Јагуар Ленд Ровер“ која е во посета на деловниот партнер во Охрид, ја врачи Марк Ричардсон, од редот на повисокиот менаџмент на Компанијата, а ја прими генералниот директор на Костал Македонија Виктор Мизо.
“Прв пат сум тука и многу сум среќен. Ова е многу важен ден за сите вас. Вообичаено, кога толку многу луѓе од „Јагуар Ленд Ровер“ ќе се појават во фабрика на добавувач, тоа е затоа што има некој голем проблем. Но не денес. Денес сум тука за да ви честитам за добрата работа. Ова е ретка привилегија за мене, дојдов денес да ви ја врачам наградата на „Јагуар Ленд Ровер“. Оваа награда значи дека оваа фабрика и сите вие кои сте помогнале во правењето на делови за Јагуар, конзистентно сте ги исполниле нашите очекувања, истакна во обраќањето пред вработените на „Костал Македонија“, Ричардсон.
Тој искажа пофалба за работата на фабриката на Костал во Охрид во сите сегменти, од менаџментот, вработените, високата технологија и високиот стандард на производите кои се создаваат тука.
“Ги достигнавте барањата за квалитет и достава на „Јагуар Ленд Ровер“. Ги проверуваме и мериме овие барања на дневна основа и генерираме метрики за перформансите на вашиот бизнис. Овие луѓе тука кои доаѓаат секој ден во фабриката и ги прават деловите, придонесуваат за успехот во секој час од секој ден. На сите вас треба да ви се честита за значајното подобрување кое го има постигнато оваа фабрика низ изминатите години, како и за достигнување и одржување на овие цели. Крајно, најтешкото од се, тимовите за менаџмент на квалитет и логистика на фабриките кои прават „Јагуар Ленд Ровер“ производи, го потврдија вашиот перформанс, и тоа е многу тешко да се достигне. Нашите производни погони изјавија дека квалитетот и доставата на продуктите кои ги правите е одличен. За да го постигнете ова, конзистентно сте доставувале квалитетни делови, во точен квантитет, во точно време. Свесен сум за напорната работа која што е извршена и за долгиот пат кој што сте го поминале, кој што некогаш бил и тежок. Оваа фабрика бележи раст во изминатите години и конзистентно ги достигнувате целите, потенцираше Ричардсон.
Од името на Костал Македонија, благодарност до „Јагуар Ленд Ровер“ упати генералниот директор Виктор Мизо, додавајќи дека истата многу и значи на компанијата.
Голема чест е како компанија која е дел од Костал групацијата да се добие ваква награда, но истовремено и обврска да се задржи високиот квалитет во работата, посочи Мизо.
“Голема благодарност кон компанијата која не препозна како производител на производи со препознатлив квалитет и испорака во вистинско време, нешто што вие како наши вработени го постигнавте и треба да се гордеете со тоа и затоа една голема благодарност до сите вас. Оваа награда многу тешко се добива, а лесно може да се изгуби. Тоа значи дека во иднина мора уште попосветено и со поголем фокус да работиме за да го задржиме признанието кое го добивме и потенцијално тоа да го прошириме со сите клиенти со кои работиме. Преку оваа награда ние сме препознаени како добавувач со одлични перформанси кој ги задоволува барањата за квалитет и стратешкиот развој на „Јагуар Ленд Ровер“ и со тоа сме го зацртале нашето место како еден од најдобрите добавувачи, не само во Европа, туку и во светот, истакна Мизо.
Од 2021 година до денес, фабриката на Костал во Охрид на „Јагуар Ленд Ровер“ му има испорачано над 3 милиони модули кои се присутни во сите нивни возила. Две од нив беа изложени на паркингот пред фабриката во Охрид.
Во знак на благодарност за искажаната голема доверба, Костал Македонија на „Јагуар Ленд Ровер“ му врачи плакета, со што симболично се испраќа порака за можна поголема соработка во иднина.