Фото: Freepik

Со извоз на пиперки во вредност од 15,5 милиони долари во изминатата 2022 година, Македонија е 27-ми најголем извозник во светот и втор најголем извозник на пиперки во регионот, зад Грција, покажуваат податоците на Worldtopexports.

Лани извезени биле близу 22,8 илјади тони пиперки. Извезените количини лани бележат пад од 2,8%, додека вредноста на изозот е поголема за 1,4% во споредба со претходната 2021 година.

Податоците, пак, од Државниот завод за статистика покажуваат дека во изминатите 10 години нема некој позначителен раст на извозот на пиперки. Најголем извоз е остварен во 2020 година од 18,2 милиони евра, но извезените количини се намалени во споредба со пред десетина години кога годишно на странските пазари се продавале над 30 илајди тони пиперки.

Пиперките се втор најизвезуван зеленчук од Македонија, после зелката.

(Податоците се однесуваат на извоз на пиперки од родот Capsicum или од родот Pimenta, свежи или разладени шифра 070960)

Кои се најголеми извозници на пиперки во светот?

Најголем извозник на пиперки во светот е Шпанија со извоз вреден 1,4 милијарди долари или дури 23,1% од вкупниот извоз на пиперки во светот минатата година.

Мексико е втор најголем извозник со извоз од 1,39 милијарди долари или 22,7% од вкупниот извоз. Следат Холандија со извоз од 1 милијарди долари, Канада со извоз од 509 милиони долари и САД со извоз на пиперки од 276 милиони долари во изминатата 2022 година.

Во регионот, пак, најголем извозник на пиперки е Грција со извоз вреден 26 милиони долари, според што е 24-ти најголем извозник во светот. Македонија со извоз од 15,5 милиони долари е на 27 место. Следат Бугарија со извоз од 9,3 милиони долари, Албанија со извоз од 5,4 милиони долари, Србија со извоз од 5,7 милиони долари, Хрватска со извоз вреден 2,7 милиони долари и Словенија со извоз на пиперки во 2022 година вреден 1,9 милиони долари.