Некогаш силната македонска индустрија за производство на обувки која во рамки на поранешна Југославија беше многу голем извозник на чевли, од осамостојување на земјата е во надолен пад и ја губи конкурентската битка на светските пазари.
Минатата година од Македонија биле извезени кожени чевли во вредност од 11,7 милиони долари, што е помалку за 22,7% во споредба со претходната 2021 година.

Најголем дел од извозот на чевли од Македонија денеска е по принципот на лон- доработка, односно сите суровини се увезуваат од странство, најмногу од Италија, а во земјава се доработуваат заради ниската цената на работната сила, па потоа се извезуваат повторно назад.

Во минатото, пак, во Македонија работеле големи производители на кожени чевли, како на пример ЧИК Куманово, Газела, кои повеќе од половина од своето производство во извезувале во странство, во земји како Советски сојуз, Чехословачка, Источна Германија, Бугарија, Полска, Западна Германија, Шведска, Холандија, Франција, Англија, Канада и Австралија.

Хрватска најголем извозник на чевли во регионот

Ако се спореди со земјите од регионот, Македонија лани имала најмал извоз на кожени чевли. Најголем извозник на чевли од регионт лани била Хрватска која остварила извозни приходи од 202 милиони долари, според што е на 32 место на листата најголеми извозници на кочени чевли во светот.

Следи Босна и Херцеговина од каде лани се извезени кожени чевли во вредност од 154 милиони долари, според што е 35-ти најголем извозник на кожени чевли во светот.

Србија лани имала извоз на кожени чевли од 118 милиони долари. Следат Словенија со извоз од околу 85 милиони долари, Бугарија со извоз од 62 милиони долари, Грција со извоз од 53 милиони долари и Албанија со извоз од 31 милион долари.     

Гледано на светско ниво, најголем извозник на чевли во светот минатата година биле Кина со извоз вреден 11 милијарди долари и Виетнам со извоз од 10,6 милијарди долари, кој лани се зголемил за 99%. Следат Италија со извоз во во вредност од 8,4 милијарди долари, Германија со извоз од 3,9 милијарди долари и Индонезија со извоз на кожени чевли од 3,3 милијарди долари.