Со пристигнувањето на возот Connecting Europe Express на железничката станица Прокоп во Белград, официјално беше отворен Меѓународниот самит за железница на Западен Балкан 2021, на кој учествуваа државни, регионални и европски претставници, како и експерти во областа на железничкиот сообраќај.
Самитот организиран од Европската инвестициска банка и Европската банка за обнова и развој, има за цел да ги унапреди регионалните и европските транспортни политики и да придонесе кон побезбеден, подобро поврзан и одржлив железнички транспорт. На Самитот на кој учествуваше и македонскиот министер за транспорт и врски Благој Бочварски, беше Декларацијата за подобрување на квалитетот и брзината на услугите на железничката мрежа преку проширување на транс-европската транспортна мрежа во согласност со стандардите на ЕУ.
Со Декларацијата земјите од Западен Балкан се обврзуваат на воспоставување на директни железнички конекции помеѓу големите градови, на дигитализација на железничките системи за меѓусебно поврзување и овозможување размена на податоци за прекуграничен превоз на стоки и патници, на развој на интелигентни транспортни системи и воведување на мултимодални јазли, како и намалување на несреќите преку модернизација на железничките премини до крај на 2025 година.
Српската премиерка Ана Брнабиќ изјави дека Србија планира да инвестира шест милијарди евра во железнички проекти, што, според неа, ќе доведе до целосна модернизација на железничкиот сообраќај во земјата и поврзување со земјите од регионот и Европската унија.
„Најважни проекти се брзата железница Белград-Будимпешта, во која се инвестирани две милијарди евра, и железничкиот коридор 10, во кој, со поддршка на ЕУ, Европската банка за развој и инвестицискиот фонд за Запад Балкан, ќе бидат инвестирани две милијарди “, истакна Брнабиќ.
Меѓународниот самит е дел од иницијативата на Европската унија во рамките на глобалниот настан „Година на Железницата“ посветена на развој и модернизација на железничкиот сектор.
Како дел од овој настан, вечерва на Железничката станица Скопје пристигнува Европскиот воз со кој се промовира железничкиот транспорт како најбезбеден и најекономичен.
„Наша заедничка цел е железничкиот транспорт да биде подеднакво развиен како и во земјите на Европската Унија и да биде признат и препознат како побрз, безбеден и еколошки транспорт.
Од нас се очекува да продолжиме да работиме како што работевме и во претходниот период. Ќе потенцирам дека завршувањето на реформите во железничкиот сектор, зајакнување на човечките капацитети, одржување на постојната мрежа, безбедноста, како и новите инвестиции, се клучен елемент за подобрување на сегашната состојба.
Морам да спомнам и дека на Коридорот 10 направени се рехабилитации на неколку делници со што брзината ја подигнавме до 120 километри на час. На тој начин работиме на кохезија со железничките системи во регионот.“ – изјави Благој Бочварски, министер за транспорт и врски.
Во рамки на Самитот директорот на ЈП МЖ Инфраструктура, Хари Локвенец, потпиша Меморандум за разбирање со железниците од земјите од Западен Балкан, со кој железничките компании се обрвзуваат да работат на унапредување на железничката мрежа и подобрување на безбедноста во сообраќајот.
Европската унија подготвена да ги поддржи земјите од Западен Балкан
Еврокомесарот за соседска политика и проширување Оливер Вархељи рече дека Европската унија е подготвена да ги поддржи земјите од Западен Балкан во модернизацијата на железничкиот сообраќај, што, како што посочи, е важно за поврзување на регионот, но и регионот со ЕУ.
Во видео порака на отворањето на самитот одржан во Белград, Вархељи посочи дека клучната програма за инфраструктурен развој на регионот е „Економски инвестициски план за Западен Балкан“ од 30 милијарди евра, што беше одобрен од Европската комисија. Тој посочи дека тоа е една третина од БДП на целиот регион.
Вархељи рече дека една и пол милијарда евра ќе бидат инвестирани во развојот на брзата железница на Коридорот 10, која ќе ја поврзе Србија со Бугарија и Грција, како и во развојот на Коридорот 4, кој ќе го поврзе Белград со пристаниште Бар во Црна Гора и Подгорица.
Комесарот посочи дека денешниот самит е од големо значење за железничката поврзаноста со регионот, а со тоа и регионот и ЕУ.
Тој нагласи дека целта на ЕУ е да го забрза развојот на одржливи транспортни врски во регионот и додаде дека железницата е основен елемент за економски развој и интеграција на пазарот на регионот со европскиот.
“Комисијата ќе продолжи да ги поддржува земјите од Западен Балкан во развојот и модернизацијата на железничкиот сектор. Развојот на одржлива транспортна инфраструктура и развојот на железницата претставуваат столбот на планот за економски развој”, рече Вархељи.
Тој посочува дека визијата е север и југ и исток и запад да се поврзат со железница и дека пристаништата ќе добијат голема економска поддршка.