И покрај сушата, последиците од пандемијата на коронавирус и другите проблеми, земјоделството во Србија бележи добри резултати.
Потврда за тоа се реалните показатели, според кои, годинашниот извоз од земјоделството може да се очекува да надмине пет милијарди долари, изјави српскиот министер за земјоделие, Бранислав Недимовиќ за време на Меѓународниот земјоделски саем кој минатата недела се одржа во Нови Сад.
Во првите шест месеци годинава извозот на храна и земјоделски производи бележи раст од околу 14% достигнувајќи вредност од 3,1 милијарда долари. При тоа во трговијата со храна со светот, Србија во овој период остварила суфицит, односно вишок од околи 860 милиони долари.
Недимовиќ истакна дека државата направила многу оваа година кога станува збор за поддршка и помош на производителите, пред се субвенции и „сериозна контрола на се што е платено“ на производителите. Премиите за млеко се зголемени од седум на десет динари за литар, а наскоро ќе следат дополнителни олеснувања кога станува збор за ветеринарните и другите трошоци.
Тој потенцираше дека моментално се ангажирани 44.000 сезонски работници во земјоделството, а благодарение на претходно усвоениот закон, во голема мера се реши проблемот со недостаток на работна сила. Како пример, тој наведе дека годинава во овоштарник во Војводина била ангажирани 80 Узбеци во собирање на јаболката.