Одржувањето на стабилноста на домашната валута, успорувањето на инфлацијата на едноцифрени стапки и одржувањето на финансиската стабилност се најдобри показатели за соодветноста на монетарната политика која ја води Народната банка во контекст на неколку последователни кризи. Ова беше заклучено на состаноците коишто ги остварија гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска и вицегувернерката Ана Митреска со директорот на ММФ за Европа, Алфред Камер, извршниот директор на ММФ, Пол Хилберс и алтернативниот извршен директор, Лук Дресе, во рамките на Годишните средби на ММФ и Светската банка, кои годинава се одржуваат во Маракеш, Кралството Мароко.

На состанокот беше истакнато дека пристапот на Народната банка во справувањето со инфлацијата е соодветен, со постепено и внимателно дејствување, преку коешто се делува на стабилизирање на инфлациските очекувања, со истовремено ограничување на потенцијалните ризици врз финансиската стабилност и растот на економијата. Банкарскиот сектор, според сите показатели останува здрав и стабилен, додека растот на кредитирањето постепено успорува, но за разлика од други земји и понатаму е во позитивната зона и дава поддршка на економијата.

Согласно најновите, есенски проекции на ММФ за македонската економија, растот на инфлацијата годинава ќе забави, а ќе продолжи да забавува и следната година, додека на среден рок инфлацијата би се вратила на историското ниско ниво од 2%. Притоа, гувернерката на Народната банка, Ангеловска-Бежоска истакна дека централната банка постојано и внимателно ги следи релевантните показатели и презема одлучни чекори за справување со инфлациските притисоци и одржување на стабилноста.

Гувернерката посочи дека одговорот на Народната банка, соодветно на карактерот на кризата, се одвива преку затегнување на монетарната политика со користење на повеќе инструменти. Најпрво се делуваше преку затегнување во делот на ликвидноста, понатаму преку постепено зголемување на каматните стапки, како и преку промени во задолжителната резерва со коишто се зајакнуваат монетарните сигнали и истовремено се делува на поголема денаризација на економијата. Зголемувањето на капиталните барања на банките преку контрацикличниот заштитен капитален слој, како и другите макропрудентни мерки со коишто се воведоа прагови на потребните услови за кредит се комплементарни на монетарните мерки и придонесуваат за зајакнување на стабилноста на банкарскиот систем, како еден од предусловите за ценовната стабилност. Кредитниот пазар и инфлацијата веќе реагираат на монетарните промени, а одредени одложени ефекти ќе има и во следниот период, со оглед на тоа што мерките што ги преземаат централните банки вообичаено се пренесуваат со одредено задоцнување.

Од ММФ препорачаа натамошно водење претпазливи политики и будно следење на состојбите.

Во рамки на Годишните средби, делегацијата ќе има состанок и со заменик генералниот директор на ММФ, Бо Ли.