Во септември инфлацијата во еврозоната падна на 1,8%, намалувајќи се од 2,2% во август, што е најниско ниво во последните три години. Финансиските пазари очекуваат Европската централна банка да продолжи да ја намалува каматната стапка следниот месец.

Падот на цените на енергијата ја турна стапката на инфлација во еврозоната на најниско ниво во последните три години. Стоките и услугите во септември поскапеле во просек за 1,8% во споредба со истиот месец минатата година, објави денеска Заводот за статистика Еуростат. Ова ги зголемува сигналите дека Европската централна банка (ЕЦБ) ќе продолжи да ја олабавува својата монетарна политика и повторно да ја намали основната каматна стапка во октомври.
За прв пат по повеќе од три години, инфлацијата сега е под целта од два проценти, што ЕЦБ го гледа како идеално за економијата на еврозоната на среден рок.

Во септември, ЕЦБ ги намали каматните стапки за четвртина процентен поен, на 3,5%.
Повисоките каматни стапки ги поскапуваат заемите за инвестиции, што ја забавува економијата и ја намалува побарувачката – што пак може да го намали растот на цените.

Според нејзината претседателка Кристин Лагард, ЕЦБ со оптимизам го следи падот на инфлацијата.
„Последниот развој на настаните ја зајакнува нашата доверба дека инфлацијата ќе се врати на целното ниво во блиска иднина“, рече Лагард во понеделникот на сослушувањето во Европскиот парламент во Брисел. „Ова ќе го земеме предвид на нашиот следен состанок за монетарната политика во октомври. Овие изјави ги поттикнуваат очекувањата на финансиските пазари дека ЕЦБ би можела повторно да ги намали каматните стапки веќе следниот месец.