Официјално почнува со работа Академијата за Извршни Менаџери во Виница, под покровителство на компанијата МАКПРОГРЕС, ЕБОР Лондон и Владата на Јапонија. Академијата за Извршни Менаџери е дел од Фондацијата “ПРОГРЕСИВ АКАДЕМИЈА” Виница основана од МАКПРОГРЕС чија визија е развој на вештини преку квалитетни едукативни програми, унапредување на техничките знаења, акцелераторски програми и активности за истражување и развој. Академијата за Извршни Менаџери има за цел да овозможи развој на бизнис лидери преку користење на најновите светски трендови и знаења од областа на менаџментот.
На официјалното отварање присуствувале претставници од ЕБОР, дваесетина извршни менаџери како и инструкторите кои се дел од програмата. „Преку нашето долгогодишното работење и соработка со други компании, увидовме дека како на домашните така и на странските компании им недостигаат кадри обучени за извршни позиции. Оваа потреба е исто така евидентна кај голем број на семејни бизниси, особено во процесот на нивна трансформација во компании водени од професионален менаџмент“, изјави Глигор Цветанов, Генерален директор на Макпрогрес и Претседател на Фондација „Прогресив Академија“.
„Нашата цел e да го поддржиме формирањето на првата сертифицирана обука за извршни менаџери и среќни сме што процесот на верификација на едукативната програма е во тек. Очекуваме врвни таленти да се приклучат кон првата обука во септември и заеднички да ја направиме оваа приказна успешен пример за земјата и регионот“, изјави Анди Аранитаси, Претставник на резидентната канцеларија на ЕБОР во Скопје.
Консултантската компанија PrimePoint Partners од Македонија ја води целосната имплементација на Академијата за Извршни Менаџери. „Нашите предавачи се успешни професионалци со богато академско знаење и искуство. Програмата ќе опфати интерактивни предавања, симулации, видни гости говорници, алатки за личен развој и наставни модули според последните светски трендови неопходни за водење бизнис на глобално ниво”, вели Билјана Марковиќ Стаменова, директор на PrimePoint Partners и Академски директор на Академијата за Извршни Менаџери.
Уписот во Академијата е отворен за сите кои се стремат да достигнат високи позиции во својата кариера и да ги развијат своите менаџерски вештини. Програмата во времетраење од 9 месеци ќе започне од септември 2021. Повеќе информации за Академијата за Извршни Менаџери, како теми, предавачи, критериуми за упис, итн., можете да најдете на овој линк.