Топ 10 најголеми извозни пазари за македонската економија во 2019 година

Вкупниот извоз на Македонија во 2019 година достигна 6,4 милијарди евра, што е годишен раст од 9,6%. Дури 81% или 5,18 милијарди евра бил насочен кон 28-те земји членки на Европската унија (ЕУ). Македонскиот извоз во ЕУ минатата година е зголемен за 7,9%.

Во земјите од Западен Балкан македонските компании минатата година извезле производи во вредност од 734 милиони евра, што е за 13,6% повеќе отколку извозот во 2018 година.

Иако лани извозот во Западен Балкан растел повеќе отколку извозот во ЕУ, сепак извозот во регионот останува со ниско учество од само 11,4% во вкупниот извоз лани.

Лани голем раст од 148% имало кај извозот кон Азиско пацифичките земји, кој достигна 155 милиони евра, во најголек дел благодарение на зголемениот извоз во Кина, кој лани достигна 150 милиони евра и бележи годишен раст од 165%

Дури 80% од македонскиот извоз се прави на 10 пазари.

Најзначаен извозен пазар за Македонија и минатата година е Германија, каде од 2019 година се извезени производи во вредност од 3,13 милијарди евра или 48,7% од вкупниот извоз. Забавувањето на германската економија барем за минатата година не го погоди сериозно македонскиот извоз. Статистиката покажува дека извозот во Германија лани бележи раст 13,5% поголем во споредба со истиот период од 2018.

Бугарија е втор најголем извозен пазар каде македонските компании во 2019 година продале стоки во вредност од 314 милиони евра. Извозот во Бугарија минатата година бележи раст од 2,8%.

Продажбите на косовскиот пазар во 2019 година достигнаа близу 298 милиони евра, што го прави трет најголем извозен пазар за македонските компании. Извозот на Косово лани бележи раст од 31,7%, што во најголемк дел се должи на поголемиот пристап на македонските производи по воведувањето на царини од 100% за производите од Србија и Босна и Херцеговина.

Српскиот пазар е исто така еден од најважните извозни пазари за македонските компании. Извозот во Србија во 2019 година е зголемен за 5,5% и  достигна вредност од 248,4 милиони евра, што ја прави четврт најголем извозен пазар за Македонија.

Следи Белгија каде во 2019 година сме извезле стоки во вредност од 213 милиони евра и тој бележи пад од 3,1% во споредба со истиот период од 2018 година.

Италија е шести најголем пазар за македонските компании со извоз вреден 173,8 милиони евра, кој лани е намален за 5,6%.

Со извоз од 172,8 милиони евра во 2019 година Грција е наш седми најголем извозен пазар. Извозот во Грција лани бележи прилично големо намалување од 14%.

Голем раст на извозот од дури 35,5% има во Унгарија која е осми најголем извозен пазар, со извоз од 164 милиони евра. Најголем дел од растот на извозот на овој пазар се должи на зголемениот извоз на делови за автомобилските компании.

Деветти по големина извозен пазар е Романија, каде се извезени 154 милиони евра во 2019 година, кој бележи пад од 6,7%.

По големиот раст на извозот минатата година од 166% Кина стана десетти најголем извозен пазар за македонските комапнии каде во текот на 2019 година имало извоз од 150 милиони евра.