Украинскиот претседател Владимир Зеленски денеска објави дека неговата земја го прекинува целиот извоз на јаглен и гас во пресрет на, како што нагласи, „најтешките зими во сите години од стекнувањето независност“, пренесува ТАСС.

– Поради војната навистина ќе биде најтешката зима во сите години на независноста. Во овој период нема да го продаваме нашиот гас и јаглен во странство. Целото домашно производство ќе биде насочено кон задоволување на домашната побарувачка – рече Зеленски во видео обраќањето на каналот Телеграм.

Премиерот Денис Шмигал изјави дека производството на јаглен во украинските рудници е намалено за една третина од крајот на февруари, кога започна војната, и препорача населението „да се подготви за најтешката грејна сезона во Украина“, пренесе ТАСС.

Владата и наложи на државната компанија за нафта и гас Нафтогас да акумулира најмалку 19 милијарди кубни метри гас во подземните складишта на Украина.

БиХ ќе забрани извоз на огревно дрво и пелети

Во исто време, Босна и Херцеговина се подготвува документ за официјална забрана за извозот на огревно дрво и пелети за да го запре нивното нагло поскапување во последните неколку месеци, особено на пелетите кои се продаваат по двојно повисока цена од една година порано.


Министерката за надворешна трговија и економски односи на БиХ Сташа Кошарац денеска разговараше со сојузниот министер за земјоделство Шемсудин Дедиќ и претставници на Стопанската комора и на Здружението на работодавачи за забраната за извоз на огревно дрво и пелети од земјата.

Соговорниците се согласија дека приоритет е што поскоро да се спречи извозот на огревно дрво и пелети без условување на претходно потпишаните договори.

„Ставовите на надлежните институции на Република Српска и на Федерацијата БиХ за неопходноста од донесување на оваа одлука се усогласени и идентични, што е охрабрувачка вест за домашните производители и преработувачите на дрво“, рече министерот Кошарац.

Се очекува до крајот на оваа недела да биде подготвена предлог -одлуката за привремена забрана за извоз на огревно дрво и пелети од БиХ.

„Предлог-одлуката ќе ја испратиме до надлежните институции на доставување мислења, со цел одлуката конечно да се најде на Советот на министри на БиХ до крајот на овој месец“, рече министерот Кошарац.