Автор: Неда Поповска-Камнар, Швајцарска програма за зголемување на пазарната вработливост-ИМЕ
Според индексот за развој на авантуристичкиот туризам[1], Северна Македонија се наоѓа на 60-то место од вкупно 147 земји во развој. Планинарење, јавање, кампување, велосипедизам, параглајдерство, сурфање, кањонинг, едрење, скијање (фри рајд/ слободно скијање и турно-скијање), сноубординг и слично, се активности коишто влегуваат под капата на „Авантуристички туризам“.
Сé повеќе туристички оператори ги вклучуваат овие активности во своите понуди, прилагодувајќи ги според побарувачката на туристите. И покрај тоа што авантуристичкиот туризам кај нас е релативно нова категорија, се забележува значителен напредок во последните години, што е прикажано и според солидното глобално рангирање. Имено, индексот за развој на авантуристичкиот туризам е единствен индекс на рангирање на земјите според конкурентноста на дестинациите и потенцијалот за авантуристички туризам. Индексот ги оценува предусловите со кои располага земјата за развој на оваа категорија од туризмот, природните и културни ресурси, како и капацитетот на туристичките чинители. Индексот се дефинира врз основа на девет категории, при што во две од нив, нашата земја се наоѓа високо на ранг листата.
Така, Северна Македонија е рангирана во првите пет земји од аспект на развојот на претприемништво во туристичкиот сектор, како и подготвеноста да одговори на климатските промени. Авантуристичкиот туризам се оценува како една од најбрзо растечките категории во туристичкиот сектор. Изграден е од бројни мали бизниси, коишто постојано ги унапредуваат и дополнуваат своите понуди и активности. Така, од едрење на зајдисонце до јавање коњи низ живописниот Галичник, од пешачење низ речни кањони до планински велосипедизам, од слободно скијање до езерско нуркање. Создавањето услови коишто ќе ги подржат овие мали бизниси е еден од клучните фактори за нивната одржливост и профитабилност, истовремено овозможувајќи економски стимул и на локалните економии.
Според Индексот на Светска банка – Ease of Doing Business, Северна Македонија се наоѓа на 17-то место од вкупно 190 земји, оценувајќи ја поставеноста на бизнис регулативите за домашните компании. Оваа оценка на земјата се зема предвид при нејзиното рангирање во рамките на глобалниот индекс за авантуристички туризам.
Нашата земја е високо оценета и од аспект на нејзиниот капацитет да ги ублажи ефектите од климатските промени и природните катастрофи. Ова е важен показател што влијае за понатамошен напредок и развој на авантуристичкиот туризам. Имено, при изборот на дестинацијата, сѐ повеќе туристи го земаат предвид и начинот на којшто земјата се справува со климатските непогоди и катастрофи, како и одржливоста на животната средина. За таа цел, многу тур-оператори организираат активности коишто се во насока на подигнување на свесноста за климатската рамнотежа, со понуда на еколошки производи и услуги, активности за намалување на емисиите на CO2 и слично. Во рамките на оваа категорија на глобалниот индекс за развој на авантуристичкиот туризам, се зема предвид и рангирањето од страна на Environmental Performance Index, според кој нашата земја е на 59 место од вкупно 180 земји, оценувајќи го нејзиниот однос кон климатските промени, состојбата на животната средина, како и виталноста на екосистемот.
Кај останатите категории на Индексот за авантуристички туризам, Северна Македонија е најслабо оценета од аспект на културните ресурси, односно местата кои промовираат зачувување на културата и традиционалните обичаи, како и кај градењето на имиџот, односно меѓународната перцепција за земјата, што значително влијае врз нејзината конкурентност на пазарот на авантуристички патувања.
Засега, кај нас не се објавуваат официјални податоци за остварувањата во авантуристичкиот туризам, туку тие се дел од податоците за вкупниот туристички сектор. Така, во 2024 се забележува зголемување на вкупните туристи за 6,4 %, односно 9,6 % на странските туристи, во однос на 2019 година.
Едни од најчестите корисници на авантуристичките услуги и искуствен туризам во земјата се токму туристите од другите земји, коишто покрај туристичките и културни атракции, сѐ повеќе бараат и активности исполнети со адреналин и авантура. Предвидувања се дека придонесот на вкупниот туризам и патувањата (вклучувајќи ги ефектите во синџирот на снабдување, инвестициите, приходи) во наредните десет години ќе се зголеми за 2,8 %, достигнувајќи 5,2 % од БДП креирајќи нови 48,080 работни места (околу 7 % од вкупната вработеност).
Глобално, авантуристичкиот туризам е еден од најбрзо растечките сегменти на туристичкиот сектор. И покрај тоа што програми како што се швајцарската Програма за зголемување на пазарната вработливост – ИМЕ ја поддржуваат домашната туристичка понуда преку развој на нови атрактивни форми на авантуристички и одржлив туризам, неопходен е посериозен пристап на сите учесници во насока на поголемо вложување во инфраструктура и промоција, што ќе придонесе кон поголема вклученост на младите во секторот, зголемување на приходите и поддршка на локалните економии.
[1] Adventure Tourism Development Index (ATDI), Индексот е резултат на соработката на Меѓународниот институт за туризам при Универзитетот Џорџ Вашингтон и Асоцијацијата за трговија со авантуристички патувања (ATTA).