Компаниите чекаат поддршка од Владата и исполнување на нивните барања за надминување на последиците од енергетската криза. Анкетата што Комората ја направи кај компаниите покажа дека од следната година има голема непредвидливост и доколку кризата продолжи, а компаниите не ја добијат поддршката, ќе следи од 30 до 50 проценти намалување на вработените, што никој не го сака, соопшти Кризниот штаб при Стопанската комора на Северна Македонија на денешната прес конференција.
Потпретседателката на Стопанската комора Јелисавета Георгиевска-Јовевска нагласи дека состојбата е тешка и оти поддршката на бизнисот за зачувување на работните места е клучна во овој период.
„Состојбата е тешка и бараат поддршка и премостување на нивните потешкотии. Од сите контакти со компаниите, се посочува дека не би сакале на почетокот од следната година да прават реструктуирање во нивните капацитети, односно не би сакале редуцирање на она што значи кадар којшто треба да продуцира додадена вредност“, потенцираше потпретседателката на Стопанската комора.
Во име на Кризниот штаб, Георгиевска-Јовеска рече дека мерките треба да уследат што поскоро, бидејќи компаниите ја чекаат поддршката од Владата.
„Да се субвенционира цената на електричната енергија за индустријата по примерот на соседните земји, да се обезбеди правна рамка за фирмите да излезат од постојните договори за снабдување со струја за да можат да склучат договори со ЕСМ, да се максимизира домашното производство на електрична енергија и вишоците да се понудат на индустријата по производна цена, а и да се намали ДДВ-то за електрична енергија од 18 на пет отсто“, рече Георгиевска-Јовеска.
Таа додаде дека врз основа на направените компаративни анализи, компаниите треба да добијат определна базна цена на која државата би ги покривала трошоците и со тоа би се создале неопходни претпоставки за некаква предвидливост којашто е основа на бизнисот.
„Со анкетирање на над 200 компании, добивме одговор дека голем дел од нив од следната година доколку продолжи кризата и доколку ја немаат поддршката, според нивните очекувања, ќе следи од 30 до 50 отсто намалување на вработените, што никој не го сака“, рече потпретседателката на Стопанската комора.
Во име на Кризниот штаб, Георгиевска-Јовевска рече дека треба што поскоро да следат мерките, бидејќи компаниите ја чекаат поддршката од Владата.
Во однос на предлог мерките што Комората во изминатите месеци ги достави до Владата, од страна на Кризниот штаб беше нагласено дека е потребно да се субвенционира цената на електричната енергија за индустријата по примерот на соседните земји, да се обезбеди правна рамка за фирмите да излезат од постојните договори за снабдување со електрична енергија за компаниите да можат да склучат договори со ЕСМ снабдување, да се максимизира домашното производство на електрична енергија и вишоците да се понудат на индустријата по производна цена и да се намали ДДВ-то за електрична енергија од 18 на 5 отсто.
Стопанската комора формираше Кризен штаб кој е 24/7 достапен за компаниите во совладување на кризата со снабдување со електрична енергија. Тој е на располагање на сите членки од 21 септември. Истовремено е прогласена и кризна состојба во работењето на Комората што ќе трае во следните шест месеци.