(Видеографик) Топ најголеми извозници на јаболка во светот

Во 2024 година, Кина се позиционира како најголем извозник на јаболка во светот, со извезени 980.846 тони, што претставува раст од 23,2% во споредба со претходната година. На второ место е Италија, со извоз од 945.516 тони (+9,4%), а веднаш зад неа се САД со 897.421 тони, Полска со 784.142 тони, и Франција со 671.183 тони.

Интересно е да се забележи дека пред само три децении, во 1994 година, Кина извезувала скромни 114.000 тони, рангирана како 12-ти најголем извозник на јаболка во светот. До 2004 година, земјата бележи експоненцијален раст, достигнувајќи 724.000 тони и станувајќи глобален лидер во извозот на јаболка — речиси седумкратно зголемување за една деценија.

Во изминатите 30 години, Кина спроведе агресивна извозна стратегија, со осум и пол пати зголемување на количините, што ја трансформираше од регионален играч во глобален доминантен извозник.

Видео графиката што го следи развојот на 20-те најголеми извозници на јаболка во последните пет децении покажува интересна динамика:

.

Од 1960-тите до крајот на 1990-тите, Франција и Италија биле на врвот на листата, со повремени приближувања од Унгарија и САД. Кон крајот на 1970-тите, меѓу водечките извозници се појавува и Југославија, со околу 25.000 тони извезени јаболка. Во 1980-тите, извозот од Југославија расте на над 90.000 тони, позиционирајќи ја како 10-ти најголем извозник, пред да започне постепен пад кон крајот на деценијата.

Во 2019 година, Македонија се појавува на глобалната листа како 19-ти најголем извозник на јаболка, со извезени приближно 94.000 тони. Во 2024 година, земјата бележи близу 87.000 тони извезени јаболка, што ја позиционира пред Аргентина, која има помал извозен обем.

И покрај овој резултат, Македонија не е прикажана во видеографикот што ги рангира 20-те најголеми извозници на јаболка во светот. Причината најверојатно лежи во недостапноста на официјални податоци во моментот на изработка. Според достапните бројки, Македонија би требало да се најде на 18-та позиција, веднаш пред Аргентина.

Овој податок е значаен за македонските производители и извозници, бидејќи покажува извозна сила и потенцијал за поголема глобална видливост.

Полска – европска приказна за успех

Полска бележи исклучителен напредок во извозот на јаболка во последните неколку децении. Во 1970-тите Полска извезувала околу 20.000 тони јаболка. Во 1990-тите извозот се зголемил над 100.000 тони, за да во 2024 година достигне 784.000 тони, позиционирајќи се како четврти најголем извозник на јаболка во светот, веднаш зад Кина, Италија и САД.