Die Taurus von Cosco Shipping wird am Containerterminal Tollerort abgefertigt.

Степенот на економска зависност на Германија од Кина е извор на зголемена вознемиреност во Германија. Сепак, и покрај тензиите, германската влада го одобри договор, според кој кинеската компанија COSCO ќе купи дел од најголемото пристаниште во земјата во Хамбург.

Германската влада конечно го одобри купувањето на малцински удел во Контејнерскиот терминал Толерорт (CTT) од страна на државната кинеска компанија COSCO Shipping Ports.

Кинескиот пристанишен оператор ќе купи удел од 24,9% во бокс терминалот на пристаништето Хамбург од главниот германски пристанишен и терминален оператор Hamburger Hafen und Logistik AG (HHLA), кој ја поздрави одлуката на владата на земјата.

Од компанијата HHLA велат дека одлуката ќе овозможи контејнерскиот терминал Толерорт да се прошири на претпочитана локација за ракување за COSCO, каде што ќе се концентрира товарниот тек помеѓу Азија и Европа. Исто така, од компанијата сметаат дека договорот ќе ја зајакне националната и меѓународната важност на Хамбург како логистичка локација.

Кина е најголемиот трговски партнер на Германија во последните седум години, а вредноста на трговијата меѓу земјите се искачи на рекордни 298 милијарди евра (320 милијарди долари) во 2022 година. Во моментов околу 30% од стоките што се ракуваат во најголемото германско пристаниште се од Кина.

HHLA и COSCO Shipping Ports Limited наскоро ќе ја финализираат трансакцијата, се вели во соопштението.

Германски Дојче Веле пишува дека во последниве години, Германија се обиде да ги ограничи кинеските инвестиции во земјата. Договорот на COSCO ја разгоре таа дебата, при што неколку владини министерства поврзани со Зелените и Слободните демократи побараа минатиот октомври да се ограничи уделот на компанијата за да не може да има целосна контрола.

Критичарите тврдат дека дозволувањето на договорот да продолжи создава голем безбедносен проблем бидејќи и дава на кинеската влада прекумерно влијание на пристанишниот терминал. COSCO веќе има удели во многу други европски пристаништа, меѓу кои и во најголемото грчко пристаниште Пиреја кое го поседува 100%.