Приходите од продажба на германските компании за производство на автомобили се намалени во првата половина од годината, покажува извештај на германската федерална статистичка служба Дестатис.
Во првата половина од годината, германските компании за производство на автомобили – без добавувачите – оствариле приход од продажба од 269,5 милијарди евра, што е за 4,7% помалку од рекордот од претходната година од 282,6 милијарди евра.
Продажбата на каросерии и приколки е намалена за 11,6%, продажбата на автомобилски делови и додатоци како што се генератори, менувачи и браници опаднала за 5,4%, а приходите од производството на автомобили и автомобилски мотори паднале за 4,3 %.
Автомобилската индустрија е најголемиот сектор кој генерира најмногу приходи во германската преработувачка индустрија.
Најголем дел од прометот на индустријата се остварува од извозот: во првата половина на 2024 година, странскиот промет изнесува околу 190 милијарди евра, околу 70% од вкупниот промет, што е највисок сооднос во последните 15 години.
Во првата половина од годината од Германија се извезени околу 1,7 милиони патнички автомобили за 68,4 милијарди евра, приближно иста вредност како и претходната година.
На крајот на првата половина од годината, автомобилската индустрија (без добавувачите) вработила околу 773 илјади луѓе, за 0,8% помалку од претходната година.
На крајот на првата половина од 2019 година, имало најголем број вработени во последните 15 години, кој изнесувал приближно 834.000 вработени. Автомобилската индустрија е втор по големина индустриски сектор во Германија во однос на вработеноста по машинското производство, кое вработува приближно 952.000 луѓе.