Податоците на Државниот завод за статистика покажуваат дека трговијата помеѓу Македонија и Украина во првата половина годинава изнесувала 91,6 милиони евра, со дефицит на македонска страна од 33,6 милиони евра.
Во периодот од јануари до јуни годинава во Украина биле извезени македонски стоки во вредност од 29 милиони евра, што е речиси пет пати повеќе во споредба со извозот во истиот период лани кој изнесувал само 6,2 милиони евра.
Податоците покажуваат дека во првата половина годинава и покрај војната која почна на 25 февруари, македонските компании успеале да извезат повеќе отколку во текот на целата 2021 година, кога биле извезени стоки во вредност од 15,5 милиони евра.
Речиси една третина од вкупниот извоз во вредност од 8,2 милиони евра отпаѓа на извозот на зеленчук, при што најголем извоз е остварен со продажбата на зелка во врендост од 6,6 милиони евра. Освен зелка на украинскиот пазар во првата половина годинава се извезувале и компир, замрзнат зеленчук, морков и домат.
После зеленчукот, втора најголема група со извоз вреден 6,6 милиони евра се керамичките производи за лебараториска, хемиска и техничка употреба. Околу 5,3 милиони евра изнесувал извозот на заштитни елеци, додека 4 милиони евра се од продажба на заштитни шлемови. Во првата половина годинава во Украина е реализиран и извоз на лекови од Македонија во врендост од 2,8 милиони евра.
Увозот направен од Украина годинава е речиси двојно поголем од извозот. Во периодот од јануари до јуни 2021 година во Македонија биле увезени украински стоки во вредност од 62,6 милиони евра. Тоа е намалување за 10% во споредба со лани, кога во првата половина од 2021 година биле увезени украински стоки во вредност од 69 милиони евра.
На страната на увозот, најголем дел во вредност од близу 42 милиони евра отпаѓа на железо и челик. Следи увозот на масла од сончоглед во вредност од 8,6 милиони евра, производи од железо и челик во вредност од 2,2 милиони евра и дрвен јаглен во вредност од 1,2 милиони евра.
Превозот на стоки во патниот транспорт меѓу двете земји без дозвола
Македонската Влада пред неколку дена ја усвои Информацијата во која Министерството за транспорт и врски на Република С.Македонија и Министерството за инфраструктура на Украина се договорија превозниците од двете земји превозот на стока во патниот транспорт, во билатерала и транзит да го вршат без дозволи. Договорениот транспорт без дозволи ќе трае до крајот на годината, по принципот на реципроцитет за двете земји.
“Во време на воена состојба во Украина ова е еден чекор кон олеснување на транспортот на македонските и украинските транспортери во двата правци со цел полесно пристигнување на храна, лекови, гориво кон крајните потрошувачи”, се вели во информацијата на Владата.