Кина, најголемиот светски производител на автомобили, забележа пораст од 69% на годишно ниво на извозот на автомобили во периодот јануари-август, достигнувајќи 3,22 милиони единици, покажаа најновите податоци на Генералната царинска управа на Кина.

Во вкупниот број, 440.000 единици беа испорачани во странство само во текот на август, што е повеќе за 42,2% на годишно ниво и за 6,8% за месечно, покажуваат податоците.

За разлика од високиот раст на извозот, увозот на возила во Кина за август е намален за 1,4% , а за осумте месеци годинава има пад на увозот за 17,7%.

Што се однесува до сегментот на нови електрични возила, вкупниот обем на извозот скокна за забележителни 92,4% на годишно ниво на 1,08 милиони единици во периодот јануари-август, вклучително и 147.394 единици само во текот на минатиот месец, што е за 32% повеќе на годишно ниво, покажуваат податоците.

Во меѓувреме, минатата среда Европската комисија (ЕК) објави дека започнува истрага против субвенционирање на кинеските електрични возила, велејќи дека поддршката на Пекинг за овој сектор неправедно им користи на кинеските извозници на сметка на европските производители на автомобили.

Во зависност од исходот од истрагата, Европската унија потенцијално би можела да воведе казнени царини повисоки од стандардната стапка од 10% за електричните автомобили од кинеско производство – можен исход што предизвика сериозна загриженост и силно незадоволство кај кинеските власти.

Кина извезла околу 545.000 електрични возила на европскиот пазар минатата година, што претставува 48,7% од вкупниот извоз.

Европа и Азија се два главни извозни пазари за електричните кинески возила.