Во текот на 2024 година, од Македонија биле извезени автомобилски делови во вредност од 185 милиони евра, што претставува пад од 20,8% во споредба со претходната година, покажуваат податоците од Државниот завод за статистика. За 21% бил намален и обемот на извезени автомобилски делови. Станува збор за производи од тарифата 8708 (делови и прибор за моторни возила од тарифни броеви 8701 до 8705).
Најголем извоз на автомобилски делови од Македонија бил забележан во 2022 година, кога тој изнесувал 242 милиони евра. Во последните пет години, вкупниот извоз на автомобилски делови од земјава изнесувал 937 милиони евра.
Главни извозни пазари
Ако се анализира извозот по земји, најголем пазар во 2024 година била Унгарија, каде лани биле извезени автомобилски делови во вредност од 59,6 милиони евра.
Втора е Германија, со извоз од 55,7 милиони евра, каде лани имало голем пад од 60% во споредба со 2023 година, кога извозот изнесувал 89 милиони евра.
Следуваат Словенија со извоз од 15 милиони евра, Србија со извоз од 7,8 милиони евра, Словачка со извоз од 6 милиони евра, Бразил со извоз од 5,2 милиони евра, Мексико со извоз од 4,9 милиони евра, Италија со извоз од 4,87 милиони евра, Шпанија со извоз од 4,1 милиони евра и Чешка Република со извоз од 3,9 милиони евра.
Кои делови најмногу се извезуваат?
Автомобилските делови кои се извезуваат се произведени главно од странски компании кои работат во индустриските зони и снабдуваат европската автомобилска индустрија.
Според статистиката, најголем дел од извозниот прилив доаѓа од сигурносни воздушни перничиња – 96 милиони евра, што претставува повеќе од половина од вкупниот извоз на автомобилски делови.
Други значајни извозни производи се менувачи и нивни делови со извоз од 34 милиони евра, делови и прибор за каросерии со извоз вреден 28,4 милиони евра и кочници и серво кочници со извоз од 12,6 милиони евра.
Ова е само дел од автомобилските компоненти извезени од Македонија, при што не се вклучени податоците за најголемите извозници како Џонсон Мети, кој произведува катализатори и пречистувачи на издувни гасови, како и Кромберг и Шуберт, кој произведува кабли и кабелски инсталации за познати автомобилски брендови.
Кои се најголеми извозници на автомобилски делови во светот и регионот?
Според податоците од Worldtopexports, Германија е најголем извозник на автомобилски делови во светот со извоз од 56 милијарди евра. Следуваат Кина со извоз од 49,4 милијарди евра, САД со извоз од 39,3 милијарди евра и Мексико со извоз од 37 милијарди евра.
Од земјите во регионот, најголем извозен прилив од автомобилски делови лани имале Словенија од 1,3 милијарди евра, Србија 530 милиони евра, Бугарија – 387 милиони евра, Хрватска – 311 милиони евра и Босна и Херцеговина 231 милион евра.