Минатата 2023 година од Македонија биле извезени јаболка во вредност од само 14 милиони евра, што е намалување од 8% во споредба со претходната 2022 година кога во странство се продале јаболки во вредност од 15,3 милиони евра, покажуваат податоците од Државниот завод за статистика.
Но, продадените количини на јаболка во странство во 2023 година се за дури 27% помали во споредба со 2022 година.
Статистичките податоци покажуваат дека лани биле продадени 65,3 илјади тони јаболка на странските пазари, што е за 27% помалку во споредба со продадените 89,6 илјади тони јаболка во 2022 година,
Тоа значи дека македонските јаболка биле продавани по нешто повисока извозна цена во споредба со 2022 година, барем според она што е евидентирано од Државниот завод за статистика.
Вкупниот извоз на овошје од Македонија во 2023 година изнесувал 44,7 милиони евра, што е пад од 11% во споредба со вредноста на извозот во 2022 година. Извезените количини пак бележат пад од 26%.
Каде најмногу се извезувале македонските јаболка?
Иако традиционално во минатото важеше за најголем извозен пазар на македонските јаболка, каде се пласираше половина од вкупниот извоз и тоа по прилично повисока цена, минатата година немало воопшто извоз на јаболка во Русија. Колку за споредба, во 2020 година, пред руската забрана за увоз на македонско овошје по воведените санкции од страна на Македонија, во Русија биле извезени јаболка во вредност од близу 13 милиони евра, а вкупниот извоз на јаболка изнесувал близу 26 милиони евра.
Она што е очигледно е дека нема отворено нови пазари, туку јаболката се продавале на оние пазари на кои и во минатите години се продавале јаболка, но во помали количини во споредба со рускиот.
Лани најголем извозен пазар за македонските јаболка и според извезените количини и врендоста на извозот била Бугарија каде биле продадени 23,6 илјади тони јаболка (21% помалку од 2022 година) во вредност од 4 милиони евра (за 31% повеќе од 2022 година.
Втор најголем извозен пазар според вредноста на извозот е Косово, каде биле продадени 9,6 илјади тони во вредност од 3 милиони евра.
Следи Србија каде лани се извезле 14,8 илјади тони во вредност од 2,8 милиони тони. Следи Грција каде лани имало голем раст на извозот, но извозот е низок, во вредност од 1,5 милиони евра, БиХ со извоз од околу 1 милион евра. Само на овие пет пазари лани имало извоз на јаболка поголем од 1 милион евра.
На два пазари, Црна Гора и Романија има извоз од 781 илјада евра, односно од 664 илјади евра, а на останатите пазари како Словачка, Холандија, Албанија, Чешка, Германија.. извозот бил помал од 100 илјади евра.
Увозот на јаболка лани зголемен за 60%
Лани биле увезени околу 5 илјади тони јаболка во вредност од околу 2,5 милиони евра, што значи дека просечната цена е 0,5 евра по килограм, што е повисока од постигнатата просечна извозна цена за македонското јаболко во 2023 година од 0,2 евра по килогра. Најмногу јабоолка лани се увезле од Србија, 3.200 тони во вредност од 1,8 милиони евра.
Увозот на јаболка лани е зголемен за 59% во споредба со увозот во 2022 година кога биле увезени јаболка во вредност од 1,6 милиони евра, најголем дел исто така од Србија. Количински увозот на јаболка во 2023 година е зголемен за 44%.